Велигденски симболи

Во традицијата на православните христијани, празникот Велигден се дочекува со посебна возбуда на која ѝ претходат подолгите подготовки: реликвија на првото четврточно вапсано јајце кое се чува цела година, постење, барем на Велики петок, украсени и шарени нашите куќи… „Христос воскресе, вистина воскресе“ е нашиот поздрав, она што нè спојува за време на велигденските денови, распослани низ шарениот пролетен светоглед. Овој голем празник е поврзан со надежта, вечното трагање по смислата на животот, потврда на верата и нешто како гаранција во Пасха (преминување) и во воскреснувањето, зашто: „Ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше и нашата вера“, запиша свети Павле.

Ако помислувате дека животот не е ништо друго освен многу спомени, кои одвреме-навреме ја претрупуваат вашата меморија и едноставно исчезнуваат, тогаш сигурно ќе се сетите на делче од Велигден на вашето детство. Свечена, најубава облека токму за овој празник, ви доаѓаат гости, сите насмеани и добро расположени, вие ги посетувате најблиските, со полни раце црвени вапсани јајца, еден од најважните симболи на празникот. Прославата на Велигден е потполна кога сте со своите, во кругот на семејството, нишката што спојува е заедништвото, топлата атмосфера, блискоста и споделувањето на нештата…

Се започнува со велигденските пости кои се сметаат за најстроги во христијанството и да не сте постеле, на Велипеток сигурно ќе јадете грав, а во сабота на полноќ, откако ќе грмнат велигденските ѕвона пред црквите, ќе присуствувате на масовно кршење јајца, додека утредента посното мени се заменува со свечена и раскошна трпеза… И тоа трае со векови, едноставно традицијата како што созревате и стареете, ви станува сè поважна и поголема. И секаде низ светот владеат  празнични правила.

Во Шведска, велигденската боја е жолта, а во Франција, откако ќе се слушнат црковните ѕвона, луѓето со гушкање и бакнување си го честитаат Велигден. Во Германија, домовите се декорираат со гранчиња украсени со вапсани јајца, во Австрија се ставаат венчиња од зеленило украсени со јаболка, портокали и разнобојни кончиња. Во Италија, традиционално се јаде посебна

велигденска солена торта „torta di pasqueta“, со варени јајца и спанаќ, а во Швајцарија луѓето си подаруваат велигденско гулапче „paloma di pasqua“, колач со сушено овошје, додека во Грција се подготвува супа од јагнешки џигерчиња „magiritsa“…

Сепак, најважна е мислата со која го дочекуваме и испраќаме овој празник – свесни за големината на чудото наречен живот.

Фото- cozinhandoemroma.com,Pexels

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени