Вечерва почнува Евровизија, Тамара настапува во четврток

Најпосле! Вечерва почнува 64. издание на Изборот за најдобрата песна на Европа, популарната Евровизија, која годинава се случува во Тел Авив, Израел, благодарение на ланската победа на Нета, која овој спектакл го донесе во својата земја.


И, да – ќе биде спектакл: покрај двете полуфинални вечери на големото финале за „сумичка“ од милион долари ќе настапи и Мадона. Ќе ги видиме и Гал Гадот, Бар Рафаели, холивудските имиња со израелско потекло, ќе се појави и Дана Интернационале, а во ова Евровизиско издание ќе се натпреваруваат 42 земји.
Кај нас, најверојатно повторно ќе се вртат старите дискусиите- да се пее или не на „Евросонг“, но годинава навистина имаме супериорна претставничка.
Тамара изгледа светски, она што го велат лајф коучите- моментално е најдобрата верзија на себе си, во сите аспекти.
Облечена е во креацијата на Александар Ношпал, фустанот „спие“ на неа и ја експонира суперирноста на креаторот а песната, добро познатата „Proud“ е најшеруваната по социјалните мрежи. Го преплавивме фејсбукот со неа, и да- горди сме.


„Proud“, Тамара ќе ја изведе на втората полуфинална вечер закажана за четврток, 16 мај и нејзината бројка е 17, настапува претпоследна, што е адут плус.
„Proud“, знаат и врапчињата, ја потпишуваат Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров (музика), текстот е на Коста Петров и Сања Поповска а Антонија Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев се придружните вокали.
Според многубројните евровизиски кладилници и коментари од Тел Авив, имаме добар старт, што во превод значи- финалето ни се смешка, но лобирањето и маркетингот сепак се работа на МРТ, државниот сервис кој како членка на ЕБУ ги поседува сите права за овој музички избор.
Да се опуштиме, Тамара си ја знае работата.
(В.Т.)

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени