Метеоропатија – болест на здравите луѓе
Влијанието на временските промени врз организмот се одразува и физички и психички. Тоа значи дека сте метеоропат. Не мора да бидете тешко болни за да вашиот организам реагира како вистински барометар
Вашиот невровегетативен систем, срцето, дишните органи, желудникот, коските реагираат на временските услови, особено на нивните промени. На нив се чувствителни жените, особено оние во менопауза.
Полесни последици на метеоропатијата се замор, несоница, поспаност, лошо расположение, депресија. Влијанието на временските промени врз организмот се одразува и физички и психички. Дел од доживувањата се објективни и поврзани со одредени телесни тегоби, а дел од нив се одраз на доживувањето на времето, на пример – депресијата. Покрај невините последици, метеоропатијата може да предизвика и сериозни проблеми кај потешките кардиоваскуларни болни, астматичарите и ревматичарите.
Болка во коските
Некои лица, особено повозрасните, се чувствуваат како барометри. Според болките во телото, можат да почувствуваат дека за неколку дена ќе се случи промена на времето. Тоа го чувствуваат и лицата што имаат дегенеративни промени, повреди и скршени коски.
Висок притисок
Кај лицата што имаат низок притисок топлото време уште повеќе го намалува, а тоа се случува поради максималното ширење на вените во нозете. Нискиот притисок предизвикува вртоглавици, замаглувања, слабост, поспаност и послаба психофизичка активност. Често пациентите велат дека најмногу им пречи промената на притисокот, но не и студеното време. Тоа се случува поради тоа што атмосферскиот притисок има врска со нашиот крвен притисок. Многу луѓе, иако немаат физичка подлога за неспецифичните пречки, сепак, го трпат влијанието на временските промени. Но, покрај објективните причини, тука има и психолошка и психијатриска проблематика.
Астма
Астматичарите и другите болни што страдаат од болести на дишниот систем најтешко ги поднесуваат временските промени. Тие најмногу страдаат во текот на есенските и зимските месеци, а уште повеќе ако живеат во загадени, урбани средини. Од една страна, ги задушува маглата и смогот, а, од друга страна, им се стеснуваат крвните садови поради студенилото.
Поспаност и проѕевање
Ова ни се случува поради хипоксија на мозокот (недостиг од кислород во клетките), а го предизвикува нискиот притисок. Во таквите моменти треба да се отвори прозорецот и да се испие течност за притисокот да се зголеми.
Менструација
Кога промената на времето ќе се совпадне со менструацијата, жените-метеоропати се чувствуваат полошо од вообичаеното, па често се јавува општа слабост.
Што да се прави?
Во суштина, промените на времето не предизвикуваат нешто што ќе се одрази трајно на организмот. Ако чувствуваме главоболка, а мораме да работиме, подобро е да земеме аналгетик отколку да се мачиме. Но, лицата што имаат дијагноза, на пример, во случаите на болести на срцето и крвните садови, треба да внимаваат да не стануваат одеднаш од лежечка позиција, да не излегуваат од топло во студено, без потреба. Особено нека не излегуваат кога е студено. Препорачливо е редовно мерење на крвниот притисок : при наглите временски промени, притисокот варира, па треба внимателно да се дозираат лековите, во договор со лекар од општа пракса. Затоа би требало да се води сметка и за време на промената на годишните времиња. На пример, во лето и во зима притисокот не е ист, па тоа бара и различна терапија.
Фото- Pexels
Коментарите се затворени