Винаријата „Пешков“: Кога се споија виното и предизвикот, се роди иновативноста и љубовта

„Кога некој ќе дојде во Тиквешијата најчесто ја слуша приказната дека виното се прави во секоја куќа, што и не е далеку од вистината… Кавадарци е многу убаво место, и на урбан план и во однос на почвата и времето. Нашиот град може да се пофали со доста плодна почва и околу 260-270 сончеви денови во годината. Во однос на лозовите насади, временските услови, почвата и надморската височина, поднебјто е доста погодно за одгледувањето на локалните сорти – Смедеревка, Темјаника, Станушина и Вранец. Токму затоа, во нашиот крај најбројни сме ние што произведуваме вино или ракија- веднаш на почетокот ни раскажа Петре Пешков од винаријата „Пешков“, потенцирајќи ја благосостојбатата на Тиквешијата. Вреден и иновативен, овој млад човек, инаку енолог по професија, во своите гени го наследил „она нешто“ што го насочило златното грозје од Ресава да го преточи во вино.

– Нашите лозови насади датираат многу децении наназад, насадени и одгледувани од мојот дедо, па од мојот татко, а денес и од мене. За домашна употреба нашата фамилија многу години наназад прави вино и ракија, но јас сум прв во семејството кој одлучи тоа да го комерцијализира и да го претвори во семеен бизнис. Правењето вино за мене е вистинска страст и уживам во тоа што го работам. Нашата винарија е регистрирана веќе три години и може да се пофали со доста интересна приказна. Познати сме по производството на првото бело органско вино во Македонија – „Фариш“, а веќе трета година по ред нашите лозови насади се обработуваат на органски начиин а вината и маџунот се етикетирани како органски производи во преод. Мотото ни е да работиме со природата, а не против неа, па затоа се залагаме за органско производство и хармонија со природата.“
Инаку, винаријата „Пешков“ со целиот иновативен и интелектуален потенцијал на младиот сопственик, користејќи ја базата на семејството, постепено расте, и со инструменти и со машини кои го олеснуваат и модернизираат производството но и, со буриња и цистерни кои го зголемуваат нивниот капацитет.

– Моментално имаме капацитет од 11 000 литри, а можеме да се пофалиме и со 6 дрвени буриња кои ги користиме за ферментација и за одлежување на нашето вино. Засега производството ни е околу 5 000 литри. Што се однесува до етикетите, годинава нашата винарија има проширен асортиман што ќе го понуди на пазарот, не во одност на сорите туку во однос на разноликоста на начинот на производство. Од црвени вина го имаме Вранец barrique 2021, кое сеуште лежи во дабово буре и ќе биде пуштено за продажба наредната година. Од бели вина ги имаме Темјаника и Смедеревка. Всушност, годинава Смедеревката е во три варијанти и тоа, Смедеревка Pet-nat – пенливо вино, Смедеревка класик (прозведена на стандарден начин) и Смедеревка ферментирана и одлежана во дабови буриња (сеуште тој процес е во тек).“
И токму тој иновативен бран кај „Пешов“, што го следиме и на социјалните мрежи, ги опишува како винарија каде работата не е обврска туку голем, иновативен предизвик каде се вложува и многу љубов.

– Она што многу го сакам во производството на вино е огромен број на можности и варијации кои можат да се направат, и да се добие нешто ново и интересно. Јас сум реален човек и знам дека не секогаш крајниот производ ќе биде убаво и прифатен на пазарот, ама на добар пат сме во однос на експериментите и иновативноста која ја спроведуваме. Не сакам да седам во удобна зона и да го правам она што веќе е докажано и покажано, сакам предизвици, го сакам произведувањето на виното, и кога овие две нешта ќе се сретнат, неизбежно е да пробувам нови работи и нормално, да се потрудам истите да успеат.“

Винаријата „Пешков“ во пишувањето на својата биографија бележи учество на многу настани и ја следи девизата дека винските ивенти се вистинска благодет- ја отвараат можноста да се запознаат подобро, да добијат идеи на терен каде пробувањето и дискусијата за виното резултираат со квалитетен мотив.
– Последните години сум присуствувал на Винодонија во Скопје, Slow wine во Битола, Wine vision by Open Balkan во Белград, Саем за вино во Болоња, Италија, Вински салон во Кавадарци во организација на Тиквешки семејни винарии… Сметам дека секој вински настан е доста добар и позитивен во однос на проширување на гледиштата на сите учесници ама и на гостите. Секогаш има што да се види и научи, па сметам дека ваквите настани се добри за вино производителите и дека ја креваат винската култура на повисоко ниво.“

За вкусовите нели не вреди да се дикутира, иако многумина се воовушевени од нивната Темјаника, органското бело вино „Фариш“ и од понова дата- „Смедеревка“ со меурчиња, но Петре не фаворизира ниту едното вино.
– Едноставно, убавите вина секогаш имаат своја приказна, па оставам оние коишто ги консумираат да ни ја раскажат истата, доловени преку сопствените сетила. По професија сум енолог а по карактер – љубител на природата, па оттука и фактот дека се трудам производите да ги направам професионално, со минимално користење на конзерванси кои се одобрени во производството на органски производи и навистина сакам до израз да дојдат природните ароми и комплексноста на виното. И да, сакам секоја година да го остави својот печат на виното и да не манипулирам со неговиот состав. Токму затоа не можам да издвојам конкретно вино што би го препорачал, затоа што на сите вина им посветувам многу време и внимание обидувајќи се да го извлечам најдоброто од почетната суровина – грозјето.“

Валентина Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!