Третиот Скопски вински салон – Винодонија 2018, предизвик за сите оние што го сакаат виното почнува денес (13ч) во хотелот „Мериот“.
Несекојдневна можност да дегустирате повеќе од 300 вина од над 40 винарии, но и да пробате домашни и увозни сирења, сувомесни производи, маслинови масла, да посетите некоја од работилници, предавања, спарување на вино и храна.. Во тој контекст ќе спомнеме дека од Нимис, Италија доаѓа Габриеле Тами, познат енолог кој ќе има предавање за почвата, климата и автохтоните сорти на Фриули, италијанско царство на белите вина, а ќе се дегустираат и карактеристични 6 вина од овој регион.
Александар Вучковски, нашиот познат сомелиер ќе одржи работилница посветена на пенливите вина а на оваа работилница ќе се дегустираат вината од познатите шампањ куќи Moet & Chandon и Veuve Clicquot.
Професија или животен стил е тема на едукативната работилница со Петар Величковиќ, сертифициран сомелиер со диплома од реномираната школа Court of Master sommelier.
Работилницата која ќе ја води искусниот сомелиер Дејан Живковски, ќе биде посветена на најдобрите вински региони на соседна Србија, климата, тероарот и дел од тамошните локални вински приказни.
Од едукативната работилница од професор Д-р Михаил Петков од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје ќе дознаеме за незаменливото место на квасецот во целокупната винска приказна, видовите квасци, нивната типологија, потекло и функција, а сето тоа ќе биде проследено со споредбена дегустација на вина.
Фото-Pexels
Коментарите се затворени