Потребни состојки: 1 кг вишни (исчистени и исцедени), 1 кг готови кори, 4 јајца, 1 шолја кисела павлака, 1 шолја (од павлаката) шеќер, 1 филџан за кафе – масло за јадење, 1 пакетче прашок за печиво, 2 пакетчиња ванилин шеќер.
Шербет: 3 шолји (од павлаката) шеќер, 2 шолји (од павлаката) вода, 2 пакетчиња ванилин шеќер, 1 супена лажица цеден лимон и рендана кора од 1 лимон.
Во длабоко тенџере на оган ги ставаме шеќерот, водата и ванилите да вријат, но не повеќе од 10 минути. Пред да е готов шербетот, му се додава ренданата кора од лимон и лимоновиот сок.
Начин на приготвување: Во длабок сад ги матиме јајцата и шеќерот. Кога ќе добиеме пенеста смеса го додаваме и маслото. Потоа се додаваат павлаката, прашокот за печиво и ванилиниот шеќер и сè заедно се мати, додека не се формира хомогена смеса. Филот и корите ги делиме на два дела. Плехот од шпорет се премачкува со масло и се реди првата кора, се попрскува со филот и врз неа ја редиме втората кора. И втората кора ја попрскуваме со фил и сè така додека не се потрошат корите и филот од првиот дел.
Врз филот од првиот дел се редат вишните и се покриваат со кора. Постапката се повторува со корите и филот од вториот дел: кора-фил, кора-фил. Завршуваме со фил најодозгора. Се сече на коцки и доколку ви остане малку од филот, слободно истурете го врз баклавата по сечењето.
Се пече во загреана рерна на 150ºС. Кога ќе добие боја како на фотографијата, баклавата е готова. Се вади од рерна и се остава малку да се излади. Изладената баклава се попарува со врел шербет. Се остава на собна температура, да се излади по попарувањето. Кога ќе го впие шербетот, тогаш ја сервираме.