Од четврток (22 септември) вкусовите на целиот свет ќе се слеат во Торино, Италија: 130 земји ќе присуствуваат на создавањето на историјата, на повторно обединување на производителите на храна и активистите на Слоу фуд.
Станува збор за Тера Мадре Салон дел Густо, најголемиот и најинтересниот глобален настан посветен на земјоделството, храната и гастрономијата.
Мрежата на Слоу Фуд има за цел да ја искористи енергијата и моќта на своето глобално движење со поинаква иднина за храна, што е вистински пример за тоа како автентичната и локалната храна може да обедини и создаде мостови на мир.
Од 22 до 26 септември во Регионот Пиедмонт и градот Торино под мотото „Време е за регенерација“ и „Слоу фуд Македонија“ ќе се претстави со своите репрезентативни и автентични производи, президиуми, работилници и презентации. Во павилјон од 100 метри квадратни со организирана кујна, сала и саемски изложбен простор ќе се прикаже традиционалното гастрономско благо- преку вкусната храна и гастрономските специјалитети карактеристични за нашата земја.
Во неколкуте дена Слоу фуд Македонија преку своите членови ќе ја претстави татковината низ многубројни презентации, локалните производи, работилници, информативни дебати : „Арката патува низ македонските планини, долини и езера“, потоа, дегустации на автентични македонски производи на кои им се заканува опасност од исчезнување.
На штандот на Македонија ќе се зборува за нашата медоносна пчела а преку ритуалот на подготовка на свадбарска погача ќе се презентира- чурек.
Овчеполското јагне, најпознат извозен бренд во Италија, во организација на земјоделската задруга „Еко Овчеполка“ ќе биде дегустиран и оценуван секој ден .
Следат и презентација на првото издание на Водичот Slow Wine и дегустација на одбрани вина, потоа – „Училишните градини– зелени училници на иднината“, „Новите дечки на стариот занает“ -преку традиционалните и иновативните дестилати и уште нешто од традиционалното: во Торино ќе се сучи охридскиот комат.
Многубројните посетители и сите учесници на саемот ќе можат да ги вкусат јадењата карактеристични за македонската кујна: тавче гравче, пинџур, ајвар, тикварник, домашен леб … што ќе ги подготвуваат готвачите од македонската Алијанса на Слоу фуд.
Презентација на Слоу Фуд гостилници ќе го долови нашето традиционално гостопримство преку гастрономската тура низ С.Македонија, потоа, на лице место ќе се проследи подготовка на ширден– најпознатиот прилепски специјалитет, ќе има претставување на новата пивска сцена и дегустација на занаетчиски произведени пива.
На македонската слоу фуд презентација во паркот Дора, на 14-тото издание на Тера Мадре ќе се случуваат и: „Алхемија на вкусовите“, резервирана за новите иновативни производи на младите производители, „Македонското сточарство и млекарство, преку- млеко, планини и традиција“ а македонските президиуми на панелот Slow Food Travel Balkans ќе се обединат околу можноста Балканот да има заедничка туристичка понуда и ќе дебатираат како да се валоризира наследнството на храна.
Настанот се реализира со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Слоу Фуд Интернационал, како и со поддршка на „Серта компани“ ДОО, Скопје и ЗЗ „Еко Овчеполка“ и логистика на македонската заедница во регионот Пиемонт.
Коментарите се затворени