Група „Рандеву“ на „Охрид-фест“: Од проект-бенд до блескава кариера

Годинава, во Интернационалната вечер на „Охрид фест“, публиката и гледачите ќе имаат можност да ја слушнат евровизиската „O no Cherie“(1984) и тоа во оригиналната постава на „Рандеву“ со Миро Чекелиш, Горан Шарац и Божидар Волфанд Волф. Еве што за бендот и песната велат- Миро Чекелиш, идеен татко на „Рандеву“ и еден од членовите на групата, музичарот и продуцентот Горан Шарац.

Чекелиш: Еве на почетокот, ќе ја откријам тајната чувана толку многу години наназад. Групата „Randes Vous“ беше оформена ad hoc со намера да се натпреваруваме на престижната Југовизија во 1984 година во Скопје, која, се сеќавам имаше извонредна конкуренција и со песни и со изведувачи. Идејата ми беше да се соберат млади талентирани музичари, кои беа дел на тој нов музички бран, да се обидеме со песната а приемот кај публиката, понатаму да ни ги каже следните чекори… Инаку, јас во тоа време бев шеф на мега популарниот бенд „Хазард“, бев во друг филм, но ова беше интересен предизвик…

Шарац: Миро ја имаше песната долго време, ја слушнаа разни музичари а мене веднаш ме воодушеви. И како што имам „нос“ за хит, ми беше јасно дека и- ќе биде хит. Во тоа време, јас свирев фанк, Волф со својот бенд се подготвуваше за Скандинавија а другите музичари од нашите бендови не беа заинтересирани за таков тип на кариера. Така „Рандеву“ на некој начин беше проект- бенд за една песна, па потоа ќе видиме што понатаму.

Песната ве задржа заедно долго време, бидејќи „О не шери“ во далечната 1984 година, на Избор за песна на Евровизија во Скопје, не отпатува на Евровизија во Лондон, но имаше блескав старт и исто таква кариера.
Чекелиш: Првичниот текст на песната беше „Марина спие“, но три дена пред настапот се собравме и го сменивме во „О ne Cherie“, што во тоа време беше како мода, зборовите да се странски, светски а разбирливи, на што сега се смееме.
По доаѓањето во Скопје, по генералната проба, кога се качивме на бина до тогашните најголеми ју-ѕвезди Дадо Топиќ, Слаѓана Милошевиќ, Даниел, Владо Калембер, Маја Оџаклиевска, Бисера Велентанлиќ.., не фати трема, ама кога Волф самоуверено ја отпеа песната, во салата се случи паника, свативме дека не сме „ad hoc“ приказна и дека имаме големи шанси за победа.


Волф и Лепа Брена во Скопје на ЈУ-визија
Шарац: Се случи тоа што се случи, ТВ Црна Гора првин ни даде поени а потоа ги поништи и така победи дуетот Владо и Ида кои ја претставуваа Црна Гора, а ние бевме трети… Но, станавме морални победници на Ју-визија а песната хит низ целата држава. Таа година добивме трета награда на „Месам“, бевме „Нада године“ а Волф стана пејач на годината.
Издадовме пет албуми, Волф отиде во соло кариера а јас станав композитор и продуцент. Сето тоа беше заслуга на Миро, кој како постар и поискусен не формира и во музичка смисла, така што сите останавме во музиката скоро 40 години, како релевантни играчи.


И така: „О не шери“ стана евергрин, го издржа тестот на времето а за тоа колку се обнароди ќе посведочи и тоа што ја има на репертоарот и по нашите градски кафеани.
Шарац: Баш така, песната „О не шери“ стана толку легендарна што ја свират и во скопските боемски кафеани, а ние велиме, направивме толку песни а оваа, една те иста, ја свириме цел живот, па така и сега ќе ја изведеме на „Охрид фест“.


Денес се пријатели: Божидар Волф и Владо Калембер
Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!