Пандемијата полека но сигурно почна да си ги пакува куферите, ја испраќаме кој како знае, и затвараме врата пред нос, а Дарио подготви химна за враќање на старата нормалност. „Кој чека ќе дочека“, разбира се, затоа што трпение е спасение, а оваа наша музичка легенда за секој период од животот има убаво спакувана приказна, интересно поентирање.
„Е па, драги луѓе, ви ја претставувам мојата нова песна „Кој чека ќе дочека“. Песна за нови почетоци, песна за поубава иднина, песна за сите нас, весела, среќна, опуштена и по малку хумористична. Искрено се надевам дека наскоро сите заедно ќе дочекаме пак да се радуваме на свадби, родендени, забави и концерти, на сите убави моменти во животот. На здравје!“- вели Дарио на својот Инстаграм профил. А песната оди вака:
„Ѝ рекла стара гатачка, година била престапна.А тоа носи несреќа, о боже каква лудница… Кој чека ќе дочека, рекла стара изрека, денеска конечно ми рече дааа ..“
Песната влегува во уво-од прва, те тера на акција, радост, можеби и ќе го завземе местото на „Черешна се од корен корнеше“. Тоа оставаме на времето, ќе одлучат сите што се љубат и што ќе ја пеат „Кој чека ќе дочека“.
Спотот е анимиран, правен во манир на цртан филм, весел, духовит, исто како и песната што ја потпишуваат Дарио и Кристијан Габроски. Наздравје!
Вања Тодоровска
Автор
Сите Објави
Коментарите се затворени