5.8 C
Skopje
сабота, февруари 15, 2025
spot_img

Добредојде за република на вистинската храна. „Food Republic“- љубов на прв вкус

Може само да се насети, почувствува какви се приказни се кријат во „Food Republic“, новата концептуална продавница за храна сместена на раскошен Широк сокак во Битола. За скришни, волшебни места каде се раѓа храната: амбари, пчеларници, винарии, шпајзови…, за боите, вкусовите на татковината, за копнежот и молбата почвата да роди.
Некогаш добриот мој татко, како јас денеска, глаголеше за „поинаква храна од детството“, со слатки зборови спасувајќи ја од заборав…Еве ја сега Република за храна, со храна на слободата со која завршува блуз на младоста а започнува нешто како гастрономски театар, повеќе од љубов, препознавање и припаѓање.

Кога ќе ја отворите вратата на дуќанот, по дизајн, бои и убава енергија, како пркос на модерното, навистина ќе се насладите од глетката: шарено, староградско, накитено по господски, полно, примамливо… На првото стапнување, на еден ѕид се куќи и сокаци кои просто мамат до своите лавиринти. На вториот, музеј на храна.

И патувањето почнува, а каде и да ти допре погледот, вешто наредена храна со која се идентификуваме : домашни сирења и кашкавали, млечни производи без конзерванси, сувомеснати производи правени по теркот на дедовците, ладно цедено масло и разни чудесии од лешници, се од тартуфи- од масло до слатко со портокал, охридски макала, губи и тарана, вина од семејни винарии.., можност да се истакнат пекари, месари, фармери, домаќинките од околните села кои го пренеле домот на овие полици… Музеј за добра храна што, прочитав некаде, „може да се купи и принесе на трпезата, ослободена од наметнатите пазарни механизми и конвенционалните стандарди, од хемикалии, прекумерно пакување, и посредници во дистрибуцијата.“

И повторно испреплетување на минатото со сегашноста и на она што ќе биде, вистинско место за хедонисти и носталгичари, вљубени во добар залак и квалитетно вино, ама и за луѓето што ја произведуваат, можност да се слушнат нивните приказни, анегдоти врзани за „дата на раѓање“ на готвачки мајстории, истражувањата… Секој производ има свој идентитет, своја приказна и белег, затоа е единствен и го нема на друго место.

Искрено кажано, сосемема непрактично и апсолутно хедоничарски посакувам една софа со карирано ќебенце и со најголема, скоро опиплива радост, со чашка вино да грицкам од сирењата и детално да разгледувам, да посакам „прошетката“ никогаш да не заврши, бидејќи се е толку мераклиски и мајсторски направено, осмислено, собрано, наредено.
Единствена и јасна вистина за добра чиста и правична храна.

На овој простор, нема шанси да солирате. Првин- поради структурата и поставеноста на изложените производи, а потоа, поради љубезноста на луѓето, подзаскриена во топлина, пријатната глетка и храната што спојува. И – на сопственикот, бидејќи тој најчесто ја креира атмосверата во локалот.

Патем, концептот на продавницата е резултат на лични заложби и убедувања за храната на Николче Николовски, првиот човек на Слоу фуд Македонија, како и резултат на неговото долгогодишно искуство и работа во секторот на земјоделството и храната. Звучи конвенционално ама не е, тој е перфекциониста за „наше домашно“ и затоа ја има безграничната подршка од нас, слоуфудашите.

Не прашувајте како, но знам дека желбата на сопственикот е „република за храна“, овој привлечен простор да го почувствувате како свој, сеедно што ќе купите: јуфки или вино, мед или млеко, сирење или чај… Важно е да уживате во пазарувањето и да создадете навика дека одите кај свои луѓе.
Колку поблиско, толку подраго.
Ова е место за пријатели – градители со кои сте го креирале светот, и за дознавање на вистината, зошто храната купена тука станува сувенир и создава најчисти, најубави мисли.


И да: За упаството- како да ја засакаш Битола на прв залак, ја препорачувам „Food Republic“, затоа што е повеќе од продавница а со неа, градот на конзулите навистина го враќа стариот шарм.

Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена