Жанина Петрова – Грајиќ, офталмолог: Ова мора да знаете кога купувате очила за сонце
„Кога само би знаеле кои се последиците од сонцето врз очите, сигурна сум дека никој од вас нема да излегува надвор без очила за сонце- вели Жанина Петрова – Грајиќ, офталмолог и косопственик на „ВИЗИА“. Инаку, најважната работа при купувањето очила за сонце е максимална, 100% заштита од УВ зрачење. Како што вели Жанина, доколку стаклото е темно но без потребната УВ заштита, тоа ќе нанесе само штета на очите, односно неквалитетните темни стакла ќе придонесат да се рашири зеницата и на тој начин УВ зраците уште повеќе навлегуваат во окото.
Веднаш на почетокот- зошто е важно да се расчисти дилемата дека очилата за сонце не се само мода?
– Почнуваат сончеви и топли денови а најдобра заштита на очите од штетното влијание на УВ зраците се наочарите за сонце. Еднаш засекогаш треба да се расчисти дилемата: дали очилата за сонце се само моден додаток или имаат влијание врз здравјето на очите. Кога само би знаеле кои се последиците од сонцето врз очите, сигурна сум дека никој од вас нема да излегува надвор без очила за сонце.
Какви се проблеми можат да настанат поради несоодветни очила, и имаат ли сите стакла УВ филтер?
– Кога купуваме очила за сонце најважно е да обрнеме внимание на два моменти: рамките добро да прилегаат на лицето и стаклата во целост да ги блокираат УВ зраците.
УВ зраците имаат директно влијание врз ,,жолтата точка“ односно Macula lutea. Тоа значи дека луѓето што во текот на животот биле изложени на директно влијание на сончевите зраци без никаква заштита, имаат поголеми шанси во повозрасните години да заболат од ARMD или макуларна дегенерација, болест на очите која многу тешко се лекува, а резултатите од лекувањето се неизвесни. Докажано е и дека овие луѓе почесто заболуваат од катаракта. Немаат сите очила за сонце филтер кој ги блокира сите УВ зраци. Треба да се знае дека УВ заштитата не зависи од бојата и затемнетоста на стаклата.
Што доколку носиме очила за корекција на вид, на што тогаш треба да внимаваме? И, зошто често,при директно изложување на сонцето ни солзат очите?
– И диоптриските очила за сонце може да бидат со УВ зашитен фактор, без оглед на висината на диоптријата. Контактните леќи како и интраокуларните леќи што се имплантираат во окото после операција на каратакта содржат УВ – филтер. Но и покрај ова, оперираните треба да користат и очила за сонце како додатна заштита во летните сончеви денови.
Анти-рефлексни стакла со диоптер се добар избор за заштита од сонцето зашто помагаат до 100% да биде елиминиран отсјајот од сонцето, а во исто време овозможуваат поквалитетна слика и го намалуваат заморот на очите при подолготрајно работење.
Фотогреј стаклата со диоптер се прилагодуваат кон временските прилики така што реагираат директно на УВ зрачењето и се затемнуваат сразмерно на количината на светлост, односно осветлуваат кога не се во допир со УВ зраците. Идеални се за сите годишни времиња и во секој момент ќе бидете 100% заштитени од УВА и УВБ зраците. Со таква заштита би го успориле процесот на стареење на окото. Може да одберете стаклото да биде со сива, кафена или зеленкаста нијанса.
Инаку, солзењето е рефлексна реакција како резултат на иритација на очите од сонцето.
Да не информирате подетално за бојата на стаклото : на пример, која боја најдобро го чува видот?
– Светло кафеавото стакло може да овозможи иста УВ заштита како и темно сивотo стакло. Во заштитата од штетните УВ зраци најголемо влијание имаат стаклата со бронзена, бакарна или смеѓа боја.
Како за возрасните, така и за децата се препорачува носење на очила за сонце, квалитетни и адаптирани на возраста кои добро прилегаат на формата на лицето. Покрај наочари, важно е и носењето на шапки со широк обод, тие и до 50% можат да ги намалат зраците кои доаѓаат до окото.
Скоро секоја сезона излегува нов хит, облик на очила. Сепак што во одбирот на рамката е најважно, има ли влијание големината на очилата, како може да се рашири погледот, видео кругот?
– Секоја година модата ни наметнува одредени модели на очила за сонце. Меѓутоа кога бираме рамка, пред се треба да обрнеме внимание на ширината на видното поле која ја покрива, односо да имаат што поголема површина која го покрива пределот на окото, а воедно добро да прилегаат на формата на лицето, а и да ги чувствувате удобно кога ги носите.
Кој е најважниот совет што како офталмолог би го дале на сите оние кои сакаат да купат очила за сонце?
– Купувачот треба да побара сертификат со кој се докажува дека стаклата навистина штитат од штетните зраци. Ако на очилата има ознака ,,поларизирани“ – тие немаат заштита од УВ зраци. Ознаките на очилата од типот блокирање на инфрацрвени или сини зраци, исто така немаат заштита од УВ-зрачење.
Задолжително е да се провери дали стаклата од очилата се добро изработени и полирани. Најважно е да постои 100% заштита од УВ зрачење. Доколку стаклото е само темно без потребната УВ заштита, тоа ќе нанесе само штета на очите, односно неквалитетните темни стакла ќе придонесат да се рашири зеницата со што УВ зраците уште повеќе ќе навлезат во окото.
Какви се очила за сонце можат да се најдат во продажниот центар на ВИЗИА?
– Во оптиката што е во склоп на ВИЗИА можат да се најдат различни модели од реномирани производители на стакла и рамки кои ги содржат сите заштити од УВ зраците, во сите нијанси и бои. Најважно од се е што цените се прилагодени на времето и финансиската моќ на луѓето, а квалитетот е – загарантиран.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени