„Инстаграм Лајв“:Македонската естрада се обединува за Часот на планетата Земја

Во својата мисија, Часот на планетата Земја секогаш ја потенцирала моќта на луѓето, и затоа здравјето и благосостојбата на нашите поддржувачи секогаш биле на првото место.
Во овие тешки времиња, иако не можеме да се обединиме и испратиме порака од улиците, се уште можеме солидарно да се обединиме насекаде ширум светот, од нашите домови. Сега не е време да се откажеме, туку можност да реагираме уште покреативно!
На само еден чекор до Часот на планетата Земја, канцеларијата на ова светско еколошко движење во Македонија најавува големо „онлајн“ дружење за време на едночасовниот еколошки мрак.
На повикот за солидарност и обединување се одзваа голем број на пејачи и инфлуенсери од македонската естрада, кои го прифатија нашиот еколошки предизвик на заедничка „онлајн“ дружба, утре (28 март) – да седиме дома и заеднички да ги исклучиме светилките во 20:30 часот.
Ги повикуваме граѓаните и сите наши поддржувачи да ни се приклучат на едноипол часовниот спектакл на нашиот инстаграм профил @earthhourmk, каде што ќе имаме можност заеднички да уживаме во настапите во мрак на нашите „Некст тајм“, ДНК, Антонија Гиговска, Иван Јованов, Огнен Здравковски, Теа Трајковска, а исто така ќе можеме да поразговараме и за климатските промени со Ване Марковски, Ирена Спировска, Татјана Алексиќ и многу други.
Воедно испраќаме и јавен апел до останатите естрадни личности да го прифатат нашиот еколошки предизвик и во овие моменти кога сите сме дома, да ни се приклучат кон испраќањето на силна порака за спас на планетата Земја.
„Инстаграм Лајв“ сесијата ќе започне утре (сабота) во 20 часот, додека светилките ќе ги исклучиме во 20:30 часот.
Сега е време за почитување на правилата, време на солидарност, мора да си се чуваме едни со други, мора да направиме нашиот глас да биде слушнат за посигурна, почиста и поздрава иднина за нас и идните генерации.
Да потсетиме-  годинава, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 28 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.
Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!