За младите патувањата се дел од едукацијата и растењето, за повозрасните- дел од искуството, но сите вкусуваат среќа поврзана со нешто ново и поинакво.
Младиот фармер Давид Неделковски од „Кози млеко плаина“ тукушто слета од Шпанија, каде што имаше можност да биде дел од работилница поврзана со агро-туризмот а со својот бренд, козјото сирење, да направи македонска вечер и да собере уште многу сонце во своите мисли. Ова се пресните впечатоци на Давид.
– До сите мои досегашни „успеси“ и предизвици ме однесоа козите а повеќе од сигурен сум дека така и ќе остане- раскажува Давид. – Поддршката од родителите и биолошкиот отпор ми го изгради планината, револуција во главата ми направи Slow Food а тоа ете, го препознаваат луѓе и организации. Последните што ги забележаа моите траги беа господин Владо Србиновски и екипата од Balkania – Balkan Association For Alternative Tourism, што резултираше со лет од Скопје до Истанбул и понатаму до Мадрид, па со воз до областа Cantabria, населено место Penagos каде имавме работилници околу оддржливиот Агро Туризам, локалниот еко развој и со предизвиците со кои се соочуваме како човештвото.
Вистинско освежување ми дојде ваквата промена, би рекол и во право време, бидејќи полека но сигурно нагребуваме во сверата на туризмот но, не бев сигурен како да го артикулирам сето тоа.
Беше прекрасно искуство после „магистерска“ по козји јазик изминативе 12 години, повторно поактивно да го размрдам мојот заспан англиски со млади, воспитани и прошетани луѓе, да ги размениме своите ставови и гледишта, чувства и вкусови со кои верувам дека ќе се сретнеме повторно, и тоа во Раштак.
Инаку, подготовката за оваа авантура беше следна: однапред ни беше кажано да понесеме нешто автентично од дома со кое би се претставиле себе си и татковината, бидејќи ќе имаме интарнационална вечер и наша, во мојот случај, македонска вечер, со храна, песни и игри. Ах, си реков, ќе се ставам и себе си на тест, ќе пробуричкам помеѓу насобраното искуство со Слоу фуд и ќе дадам се од себе да ја вкусат нашата убавина.
Со искуството кое го изградив минативе години од јавните настани за храна не ми требаше многу: понесов од сирењето Калеш Мара, 7 месеци зреено…, креативноста ме предизвика утрото, пред да се качам на авион да извакумирам и чварки, наши, домашни, од локално прасе растено на Раштак- воздух …
Смислено- сторено. Наредив, наличив, исечкав, имав и ракија и вино за наздравување… Таа глетка ги предизвика сите да вкусат, имав чувство како да се кај мене во Раштак, во мојата татковина…Впечатоците околу сирењата ми ги надминаа очекувањата: стануваа луѓе да ми честитаат и да ме прегрнуваат, да се интересираат како е постигнат овој вкус кој навистина беше тоа што треба, светски деликатес, вкус кој се памети…Незаборавна вечер што долго ќе ја паметам.
И така. Веќе 3-тиот ден почнав да мислам.., што се случува во Раштак, дали фармата со надприродно вложување труд вродува со плод, дали јаслите кои ги правевме со татко ми се во функција, дали јарињата јадат и напредуваат…Се живо ми се истркала низ главата а, по пристигање во Скопје, во Раштак набрзина здрвив едно турско горко и жолта лута, ги облеков разносените чизми и влегов во мојата арка… Ми поминаа морници од љубов: ме пречекаа кучињата со радосно лаење, козите, богами- дебели и среќни, јарињата пораснати, видоизменети и гладни, беше време за цицање…
Бев исцрпен од патувањето но се насмеав и си реков: ова го нема секој ден, за неколку часа да сум на релација од Мадрид до штала во Раштак. Ти благодарам животе!
Вања Тододровска
П.С. Во тек се обработки на фотографии и објави од се што видов-продолжува Давид- вкусив и искусив, се ќе биде објавено на ФБ профилот Кози Млеко Планина, ФБ страната Kozi Mleko Planina и инстаграм kozimlekoplanina.
Коментарите се затворени