Од 27-31 октомври ќе се одржи шестото издание на МФФ Киненова. Свеченото отворање ќе се одвива во киното Милениум, на кое ќе се прикаже проекцијата на филмот „Бановиќ Стахиња“ / AS FAR AS I CAN WALK на Стефан Арсенијевиќ, а останатите филмови од програмата ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија.
Покрај филмовите кои се дел од натпреварувачката програма, годинава во фокус се и филмови од Ирска, Франција, Австрија, ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата“, како и краткометражни македонски и странски филмови.
– Многу се радувам што оваа година прикажувањето на официјалната селекција на филмови се враќа онаму кадешто и’ е местото – на големиот екран во затемнетата кино сала, вели Игор Анѓелков – програмски селектор на КинеНова МФФ/ . – Единствено таму публиката може да ја доживее моќта на подвижните слики на дебитантите од различни кинематографии, кои во светот полн со илузии, ги создаваат можеби најсилните остварувања во седмата уметност во денешно време. КинеНова и оваа година им отстапува простор на осум моќни, нови гласови чии филмови ќе се борат за престижните фестивалски награди.“
Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова вели дека и во услови на сериозна светска криза и многу отежнати услови на функционирање, особено за филмската уметност, Киненова ги пребродува сите предизвици.
„И тоа прилично успешно, па дури можам да кажам дека се случи сериозен исчекор и развој на фестивалот, особено програмски. Оваа година, фестивалот полека се враќа на класичниот формат на одржување во живо, но сепак ќе ја продолжиме и традицијата отпочната од лани со емитување на дел од фестивалската содржина на ТВ24. Немаме намера да се откажеме од овој начин на пласирање на фестивалот, знаејќи го влијанието кое минатата година КИНЕНОВА го имаше во јавноста. Фестивалот оваа година ќе ја слави македонската кинематографија и делото на македонските филмски уметници на начини кои ќе ги објавиме наскоро.“