Оваа работна недела започна со конференција, интересен настан лоциран во „Куќата на Европа“, добра прилика да се прозбори и актуелизира значењето на органската и бавната храна, можноста планетата што подолго да остане зелена а луѓето здрави и потребата на иновативни форми на производство на храна без пестициди и други хемикалии.
Организаторите, Здружението Слоу Фуд Водно и Добредојде Маседониа Велкам Центар, конференцијата ја насловија „Од органска и бавна храна до зелена планета“.
Во работна – френдли атмосфера, интересни излагања и заинтересирана публика, најмногу од редовите на Слоу фуд, се потсетивме на неодамна одржаниот пазар насловен со истиот слоган поврзан со „слоу храна“ а потоа го проследивме воведното излагање од организаторките на настанот, Емилија Миладинова Аврамчева, претседателка на ДМВЦ и Василка Стефановска, претседателка на Слоу фуд Водно.
На конференцијата присуствуваа и г-дин Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската Унија кај нас и г-дин Милан Предан, Амбасадор на Република Словенија.
Ги слушнавме искуствата за локалната храна во ЕУ и сознанијата поврзани со слоу фуд движењето, инспиративни примери од Словенија, автентичниот вкус како гаранција за идентитет но и подршката што државата им ја дава за потикнување на земјоделието, со што се намалува, односно исчезнува миграцијата село-град.
Соња Србиновска, професорката од факултетот за земјоделски науки и храна, имаше интересно излагање поврзано со разликите на локалната и традиционалната храна, а самото финале во вториот дел беше резервирано за членовите на Слоу фуд, луѓето кои се осмелија на сопствено производство, во услови кога нема, да имаат работа.
Ги знаеме нивните производи: козјите сирења, џемовите и мармеладите од шумско овошје, намазите, масла и слатка од тартуфи, вкусот што е вистински показател што значи добра, чиста и правична храна.
Аплаузите беа наменети за „Кози, млеко, планина“ односно Давид Неделковски, млад фармер кој заедно со семејството десетина години живее во Раштак, каде одгледува кози и произведува разни деликатеси од козјо млеко.
Ја чувме и приказната и поврзувањето на Мирјана Ангелеска со Слоу фуд, чив бренд, мармелад од шипинки со години е присутен на сите настани во и надвор од земјата и страста на Валентина Митрова, која со семејството, сите знаења и искуства во врска со тартуфите, ги вгради во богата палета на производи кои го носат името ТУФ.
Вања Тодоровска