Краставици на менито

КРЕМ САЛАТА

Потребно е:
1 поголема краставица
1 зелена долга пиперка
2 чешниња лук
1 поголемо авокадо
100-150 г крем сирење
1 лажица сува копар
сол, црн пипер
сок од лимон

Излупете ја краставицата, тенко исечете ја, посолете и ставете во цедилка да се исцеди. Исечете ја пиперката на ленти или тркалца. Во еден сад ставете го сирењето, авокадото (исечено на коцки) и истолчениот лук и сето тоа добро измешајте го. Ако е авокадото доволно зрело, може да го иситните и со виљушка. Додадете копар, посолете и сипете црн пипер. По вкус, додадете сок од лимон. Во кремот од сирење додадете пиперка и исцедена краставица и добро измешајте. Ставете во ладилник да се олади, па послужете со пилешко и зеленчук на скара или некое друго јадење по ваша желба.


ОСВЕЖУВАЧКА СУПА ОД КРАСТАВИЦИ

Потребно е:
3 лажици маслиново масло
450-500 мл топла вода
1 лажица вегета
2 лажици сечкан копар
1 лажица сецкано свежо нане
150-200 г компири
2 чешниња лук
400 г свежи краставици
80 г кромид
250 мл кисела павлака
Излупете ги измиените краставици, пресечете по должина, исчистете од семки и исечете ги на поголеми парчиња. На масло пропржете го кромидот, додадете го сецканиот лук и излупен компир на коцки. Кратко пропржете, а потоа полијте со вода. Додадете вегета и нане, па варете на тивок оган околу 15 минути. Потоа додадете ги краставиците, продолжите да варите уште 10 мин., малку оладете и се заедно измиксирајте во блендер. Добиената супа ставете ја во соодветен сад, додадете копар, кисела павлака, добро измешајте и ставете да се лади во ладилник околу еден час. Супата украсете ја со коцки или плочки од краставица и копра и послужете ја ладна.

КРАСТАВИЦИ ВО СОС

Потребно е:
4 краставици
250 г мелено месо
2 лажици мешавина за полнети пиперки
1 парче сланина
50 г полусварен ориз
1 говедска коцка
500 мл вода
1 лажица брашно
копар
2 лажици сок од лимон
100 мл павлака за готвење
Излупете ги краставиците, исечете им ги врвовите и со лажица извадете ја средината. На меленото месо додадете му ја мешавината за полнети пиперки разматена во малку вода, исечканата сланина и оризот. Измешајте и со тој фил наполнете ги краставиците, ставет ги во врела вода заедно со говедската коцка и варете на тивок оган околу 30 мин.
За подготовка на сосот – на путер пропржете го маслото, долијте 300 мл супа во која сте ги вареле краставиците и варете околу 15 мин. Пред крајот на варењето додадете го исечканиот копар, лимоновиот сок и павлаката. Заедно со сосот и варените краставици послужете пире од компири.

ВАРИВО ОД КРАСТАВИЦИ

Потребно е:
1 поголема главица кромид
100 г сечкана сува сланина
2 долги или 4 помали краставици
1дл бело вино
1 лажица брашно
1лажица сирче
1 лажица шеќер
врзопче свежи мирудии по желба
сол, црн пипер
1 дл млеко
Измијте ги краставиците и пресечете ги по должина. Не треба да се лупат освен ако кората е тврда и ако инсистирате на лупење. Со лажица извадете го семето и исечете ги на парченца. Пропржете ја сланината без додавање на масло. Оставете ја сама да пушти маснотија, па додадете го ситно исечканиот кромид и оставете да динстаат на тивок оган. Додадете ги краставиците и динстајте полека за да пуштат вода. Посолете и ако треба сипете малку вода за да не загорат на почетокот. Кога краставиците ќе пуштат вода и ќе омекнат, додадете лажица брашно и добро промешајте за да не останат грутки, налејте вино и дададете го шеќерот.
Варете неколку минути за да испари алкохолот, па додадете млеко. Зачинете со црн пипер и додадете лажичка сирче. Мирудиите исечкајте ги ситно и додадете ги на крајот, оставете да се провари и тргнете го од огнот. Сосот треба да биде густ затоа немојте да претерувате со додавање млеко, с` зависи од тоа колку краставиците пуштиле вода. Ова вариво обично се служи со панирана шницла и варен компир. Специфичниот слаткасто-кисел вкус на ова јадење може да го послужите и со парче леб без каков било додаток.

САЛАТА СО ЈОГУРТ
Потребно е:
1 кг краставици
1 чешне лук
сол
црн пипер
мелена блага црвена пиперка
За преливот:
100 мл кисела павлака
100 мл јогурт
сол
Исечете ги краставиците по должина, па на тенки плочки (ако краставиците се покрупни), посолете и исцедете ја течноста од нив. Посолете, ставете црн пипер и додадете го иситнетиот лук. Измешајте ја павлаката, јогуртот и солта и полијте преку краставиците. Добро измешајте и украсете со мелена црвена пиперка. Салатата послужете ја веднаш како ладно предјадење или само како салата.

Фото-Pixabay

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени