Четвртото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез” во организација на дискографската куќа „ПМГ Џез” ќе биде отворено на 18 мај. Трите фестивалски вечери ќе се случуваат на малата сцена во Македонската филхармонија и во Младинскиот културен центар. Организаторите предвидуваат најквалитетна и најразновидна програма досега и неколку промоции на нови музички изданија. Фестивалот е дел од програмата за размена на фестивали („FEX-Festival Exchange”) на европскиот проект „МОСТ” за развој на сцената на светска музика на Балканот, и соработува со еден од најрелевантните промотери на музика во земјава – „Аудиокултура”.
Во четврток на 18 мај, во 20 часот на малата сцена во Филхармонија, фестивалот ќе биде отворен со настап на Дамир Имери Трио (Р.С. Македонија), тивка легенда на современата македонска музика. Тромбонист и мултиинструменталист, човек кој првите десетина години од својот работен век ги минува во МРТ, каде соработува со уметници од форматот на Драган Ѓаконовски – Шпато, Александар Џамбазов, Илија Пејовски…
Истата вечер, на фестивалот ќе настапат и Перфорто (Perforto) од Полска, со Ола Ржепка на пијано и Лукаш Марчинијак на електрична гитара. Гостувањето на Перфорто на „Крај Вардарот Џез Фестивал” е поддржано во рамките на европскиот проект „МОСТ” во програмата за размена на фестивали и се реализира во соработката со Катовице ЏезАрт Фестивал од Полска.
Во петок на 19 мај, во 19 часот, во лобито на кино Фросина – МКЦ во рамки на „Крај Вардарот Сесии со Аудиокултура” ќе биде промовирано најновото винил издание на ПМГЏез, компилацијата „Крај Вардарот Џез Vol.2″.
Од 21 часот во киното Фросина ќе се реализираат два концерти, на Букршлиев/Томевски и Кондовски/Дробицки (Р.С. Македонија). Соработувајќи долги години како композитори и изведувачи во повеќе македонски џез ансамбли, Филип Букршлиев и Благојче Томевски успеаја да развијат телепатска вештина за музичка комуникација, благословена од необичната звучна палета, формирана од инструментите што ги користат.
Во сабота, во денсинг салата на МКЦ, во 21 часот ќе настапат „Ларта” (Р.С. Македонија), проектен состав на тапанарот Дино Милосављевиќ, кој, минатата година за „ПМГ Џез” издаде прв самостоен албум „Fragments”, во соработка со долгогодишните пријатели Ѓоко Максимовски – бас, Васко Бојаџиски – саксофон и Владан Дробицки – тромбон. Милосављевиќ е еден од најистакнатите тапанари во регионов. Соработува со врвни и познати музичари и уметници, како „Сетстат”, „Кабадајас”, „Алшар” – проект на Никола Коџабашија, „Беневентан трио” и „Инфјус”. Милосављевиќ е еден од основачите на „Skopje Drum Talks”, првото здружение за едукација и поддршка на тапанари во земјава.
Фестивалското издание ќе се заокружи со ѕвездите на фестивалот „Чуи” (Chui) од Хрватска, загрепски квартет, чија визија е спој на џез со современа клупска танцова музика, електроника и рокенрол. Уште со првиот албум од 2012 година, обезбедија култен статус на хрватската музичка сцена. Во 2017 снимија албум со џез оркестарот на Хрватската Радио Телевизија и композиција со легендарната дива Јосипа Лисац.
За затворањето на фестивалот, по 23 часот предвидена забава со ПМГЏез диџеј сет на Мирко Попов, во лобито на киното Фросина.
Коментарите се затворени