Десет компании на семејството Малиќи, од македонскиот и косовскиот пазар, стануваат дел од „Малиќи Груп“, со план за развој, единствено работење, дигитализација и визионерство на сопствениците и на тимот.
Промоцијата на Холдингот се одржа во Филхармонија на РСМ, на којашто присуствуваа многу соработници, еминентни гости, политичари и дипломати, а на настанот беше промовиран и документарниот филм во чест на Енвер Малиќи, основачот на 10-те компании, во кој се говореше за неговиот живот и дела.
– Имаме чест и одговорност, денес, со моето семејство да Ве запознаеме со плановите и конкретните предлози за ангажманите во нашиот Холдинг, којшто ни е оставен како аманет од еден голем човек – нашиот татко Енвер Малиќи. Тој нè научи како треба да се раководи бизнисот, а истовремено да се цени и секој момент поминат со блиските, без разлика дали се пријатели или бизнис-соработници, изјави Албан Малиќи, директор и член на бордот на директори, презентирајќи ги плановите пред своите соработници, еминентни гости, политичари и дипломати.
Групацијата се состои од компании коишто работат во регионот во областите од дистрибуцијата, недвижноститe и угостителството. Всушност, тоа се компаниите: Gemak, Gekos, Maliqi Construction со странски инвестиции во Rajana Engeneering, Hindenburg Germanija, Gemak Telecommunication Services, Enternet, Vala distributer, Parklend, Immoreks, Cactus construction.
Алтин Малиќи, уште еден од сопствениците на компанијата и член на бордот на директори, вели дека досега овие компании, од различни сектори на бизнисот, дистрибуцијата, недвижностите и угостителството, функционирале како поединечни правни единки. Но, сега, како дел од оваа Групација, меѓусебно ќе се координираат со цел да се отворат нови можности за прогресивен раст на компаниите.
– На овој начин веќе креираме иновативни бизнис-планови, коишто досега не можеле сами да ги реализираат, но како Групација ќе освојуваат нови пазарни можности и работни проекти, додаде Алтин Малиќи.
Многу важен сегмент од ова вмрежување на компаниите ќе биде дигитализацијата, со што ќе се унапреди оперативното работење на сите нивоа и ќе се подобри функционалноста на секоја од компаниите поединечно, но и на ниво на Групација.
Од „Малиќи Груп“ додаваат дека веќе ја ангажирале консултантската куќа, „Прајс Вотер Купер“, која правно и организациско ги реструктуира компаниите.
– Ние инспирираме напредок, лидерство и претприемништво. Се заблагодарувам на поддршката од целиот тим, од 400 вработени, тим со кој заеднички, во време на пандемијата со Ковид-19, во исклучително тешки две години, се обидовме да го испорачаме сето она што го планиравме. Транспарентното работење ни овозможи да оствариме годишен промет од 100 милиони евра само минатата година, вели Резеарта Малиќи Салиу-директорка и член на бордот на директори на новиот Холдинг.
Семејството на Енвер Малиќи основа и Фондација којашто ќе го носи името на овој голем човек, хуманист, професионалец, посветен татко и сопруг, визионер, филантроп, успешен бизнисмен, другар и пријател. Фондацијата ќе поддржува проекти од областа на образованието, културата и животната средина, а во соработка со Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Архитектонскиот факултет во Приштина, ќе доделат пет стипендии за најдобрите студенти во студиската година. Дополнително, договорена е и поддршка и за Филхармонија на РСМ.