До пред неколку години, иако пишував гастро-колумни за сега веќе „покоен“ „Утрински весник“ и лично ги познавав шефовите од ова поднебје, не бев многу оптимистична во однос на прогнозите- до каде може да „се качи“ гастрономијата. Во смисла на етаблирање, бидејќи тогаш готвачите не беа во мода.
Уште помалку верував дека гастрономски настан кој ќе ги екипира сите нив, од јуниори до сениори, што ќе ги извади на мегдан нивните знаења, креативност и умеења да прават „чуда на чинија“ може да биде така спектакуларен.
Ама се случи „ГастроМак“, па дојде на ред и најновото издание под мотото „Don`t worry be hapy“, се распостлаа готвачко-шефовски величенства во снежно бели униформи, го преплавија градот Охрид, годинешен адут по локација, и со цела своја одговорност тврдам дека овој настан, не само што го „зацементира“ ГастроМак меѓу светскиот гастроноски крем туку ги отргна дилемите дека готвењето и се околу него е нашата лозинка за брендирање во глобални рамки.
Се почна на 10 октомври, кога хотелот Нова Ривиера беше крцат од натпреварувачите, судиите, шефовите. Тоа во бројки би изгледало вака- 300 учесници од 30 земји, 95 етаблирани WAKS судии, чиии што биографии навистина делуваат импресивно, гости, вљубеници во храна а преку тоа и во животот, новинари… Атмосфера, каква ако не- свечена, многу срдечни поздравувања, пријателства и доверливост.
Стартот беше величенствено дефиле низ градот a веќе утредента почнаа да се редат настани како на лента – на едниот фронт, внатре во хотелот најработно – од 8,00 наутро до 20,00 часот секој ден натпреварувачите се во својот ринг.
Пет категории, различни жанрови од типот на паста, пилешко, рибји предизвици, интернационална кујна, десерти и на крај, за најдобрите: мистичек- блек бокс. Се под будниот назор на строгиот ама правичен збор на судиите.
На вториот фронт се презентираа етно кујни од цела Македонија: какви се убавини немаше на традиционални трпези- зелници, кадинки, мазници, макала, полнет модар патлиџан-ама со туна, сомун и татлија, маџун, ѓомлезиња, ширдени, раваниии, домашни лебчиња, не знаеш каде да ги паркираш очите.
Хуманитарно здружение Верица од Радовиш
Подеднакво атрактивни беа промоциите на софри од Србија, Румунија, Азербејџан…
Гостите од Србија секогаш во полн елемент
И бидејќи дегустацијата беше неминовна, минувачите низ тој вкусниот
кордон, за минутка ги празнеа масите.
Што се однесува до странците, и судиите и натпреварувачите, со пасоши од Русија, Дагестан, Индија, Азербејџан, Италија, Белорусија, Албанија, Маурициус, Романија, Франција,Турција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна, Швјцарија.., никој не остана имун на нашите деликатеси. Па и во шега се провлече муабетот дека овие неколку дена секој качил по некое кило.
Мастеркласовите на отворено беа атракција сами по себе- најпознатите шефови од различни земји ги презентираа своите специјалитети на лице место, тие што сакаат да научат, имаа извонредна прилика за тоа, но побројни беа „пробувачите“- на солено, благо, кисело и луто, по четири пати на ден.
Посебен интерес предизвика и Фиш Фест на Дон Давид, каде од локалните продукти и се разбира рибите, 10 топ- шефа, многумина од нив и Мишелин ѕвезди на скара препелкаа риби. Пак поинаку, посебно, интересно.
Судијата Анил Гровер допатува од Индија
Жељко Невен Бремец, Емрах Коскал Сезгин и Бесим Латифи, маестрални, секој во своето
Карвингот, техниката на резбарење на овошје и зеленчук беше вистински погодок, толку филигрански изработки, толку трпеливост кај нивните изведувачи што предизвика и најмногу фотографирања.
И во целото тоа шаренило, едно момче од Турција правеше карвинг од путер. И ајде после кажете храната не е уметност?!
Торти. Слатка рапсодија и секогаш исто прашање- дали навистина се јадат бидејќи наликуваа на уметнички дела? Слатка, најслатка уметност.
Навечер, колку да се слегнат впечатоците и да се примири духот, програмата нудеше мераци за вистински хранољупци и мераклии. Охридска трпеза како и секоја софра, го разбуди најисконското, најдлабокото во нас, а гостите ја почувствуваа душа македонска преку- ѓомлезе, охридското геврече, питулици со лук, јагула, крап и пастрмка на охридски и струшки начин, заносни мирудии, тави и грниња, чомлек, селско месо, турли тава, свири пиле, пинџур, алва, шеќер паре, баклава, пченица, раванија…
Специјална, вечер посветена на виното, со специјално мени креирано, повторно од локалните производи и промоција на вината на Вила Марија, напивка како сончевина заробена во шише…
И така интензивно четири дена.
Претседателката на ГастроМак со Изток Легат, вистинска судска легенда од Словенија
Многу пријателства се зачнаа а многу уште повеќе се зацврстија на овoј ГастроМак 2019, а најчестите комплименти одеа на адресата на претседателката на ГастроМак, Адријана Алачки, која целата своја љубов ја вгради токму во овој грандиозен проект.
И на крај финишираше со награди, многу пофлници, дипломи, медаљи бронзени, сребрени и златни. Првото место го освои претставникот на Азербејџан, Никат Бабамов.
Беше голема привилегија да се биде дел од „ГастроМак 2019“.
А бидејќи признанијата секогаш доаѓаат однадвор,ова е вистинско време на домашен терен да му се одаде почит на еден спектакуларен проект. И се разбира, на гастрономијата.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени