Зимата е годишно време што најмалку и годи на кожата – студените ветрови и ниските температури ја исушуваат и затоа и е потребно посебно внимание. Кожата се обновува помеѓу 7 и 10 недели а жените што го „шокираат“ лицето со промена на температури (од загреана просторија – надвор, на студ ) многу често ја пореметуваат природната рамнотежа што се манифестира со црвенило, перутање и иритација.
Козметичарка Вероника Чадловска вели дека за овој период од годината е најважно кожата убаво да се нахрани одвнатре – да се внесуваат барем 8 чаши вода дневно, да се консумира свежо овошје, зеленчук и мултивитамински сокови.
– За да се одбегнат непријатниге последици од зимата – засилете ја хидратација на лицето, вели Вероника. – Се разбира, за овој потфат користете помрсни креми, антиејџ третмани и забрзајте го крвотокот со туширањето со топла и ладна вода. Покрај редовните посети на козметичар, делотворни се и сезонските маски што на лицето се држат околу 15 минути и на кои, во зависност од типот на кожата можете да им додадете неколку капки маслиново масло.
Маска од банани
Доколку имате кожа која е подложна на воспаленија, изгмечете ја бананата, додадете лажиче мед, пченкарно брашно и јогурт.
Маска од тиква
Тиквата исечете ја на коцки и сварете ја на пареа. Добиеното пире помешајте го со мед и со неколку капки ладно млеко. На мрсната кожа ќе и годат неколку капки сок од јаболко. Инаку, тиквата е одлична за освежување на кожата.
Маска од јаболки
Во изренданото јаболко се става лажица јогурт, мед и овсени трици. Смесата ја влажи кожата а резултатите се видливи веднаш.
Маска од костени
Го смирува и го намалува црвенилото на кожата. Неколку сварени костени се мешаат со мед, и, како и кај другите маски, се одбегнува пределот околу очите.