Пазар со вкусни нешта и добри луѓе

Викендот зад нас, поточно на 9 април во Јавна соба, се случи вистинска зелена сабота. Еве што значи тоа: со здружени сили Добредојде Македонија и Слоу Фуд Водно го стокмија пазарот кој за оваа прилика го имаше слоганот „Од бавна и органска храна до зелена планета“.
Секако, најубав ден за пазарење е сабота. Уште од 9,30 сум на местото на настанот, ги сакам пазарите и интимно, убав ми е моментот на создавањето на едно цело: производителите, околу 30-тина на број, се местат на своите тезги-штандови, гледам многу пријатели од Слоу фуд, сите раздвижени и подготвени што подобро да им помине денот. Знак на препознавање е насмевка, и такви се, растрчани и насмеани, носат кутии полни со вкусни волшепства, вадат тегли и теглички, проспекти, кеси, флаши, чаши: во Јавна соба врие како во кошничка.

Тука е Македонија во мало- Тетово, Гостивар, Демир Хисар, Битола, Дихово, Струга, Неготино, Кавадарци, Пробиштип, Гевгелија, Дојран, Кратово, Берово…, и се разбира, Скопје… Како на лента се реди и мести и за неполн час се е стокмено, подготвено за посетителите и купувачите: на штандовите има автентични производи, благо, солено, луто, трофеи и брендови. Се поздравувам и им посакувам успешен ден, разгледувам, сликам, едноставно уживам.

Тука е Валентина Митрова со тартуфите, веќе се наредени разновидни намази, слатка и масла од „Туф“ и новитет, ликер од мандарини со тартуфи. Пробувам и се насладувам: колку моќен почеток на денот.

Ја здогледувам и Александра Лозановска од Демир Хисар, со производите од Моја бавча: имаат нови лепенки, па тегличките со ајвар, лутенка, веге намаз, слатко, џем, ѓувеч, едноставно влечат да ги сликаш. Личотии со вкус.

Денот е сончев, прекрасен, сонцето со цел капацитет едноставно мами , како да вели – разлабавете се, исто како тезгите со „течна храна“: пивото на Марјан Костадиновски, ракијата со префинет вкус „Вк“, виното на винаријата Захарчев.

Ги сликам слатката од смокви на Александра Картелова и Гуна Маркова, чив деликатес од диви смокви е првиот Слоу Фуд президиум. Тука е омилениот мед и медни производи на Нацо и Бале Јовчевски од пчеларникот БН од веќе култното Дихово.

Кцаната сол на Стевче Доневски од Кратово се продаде за неполн час, а интерес предизвикува оцет од диви јаболка и модри сливи на Страшко Милошевски кој со пријателите Дончо и Владо секогаш ги пренесуваат убавините од Осоговските планини.

Се враќам на почеток, и гледам широка насмевка на Дамјан Гавриловски, ме кани на примамлива тезга со сланини, кобасици, пршути и други месни деликатеси, простор на кој цимерува со Саша Стојчевски познат по производите од тартуфи. Е кој да одоле?

Правам пауза, па со нови сили ги истражувам сирењата на Игор Поповски од Дихово, кој прави се од непастеризирано млеко. Пробувам, и да- кашкавалот е ненадминлив, а како што слушам коментари и другите го делат мојот вкус.


Ах, тегличките од Леска, наредени како клавишите на клавирот кај Пеце Клечкаровски. Неуморен е во презентацијата, а кај него постојано има редица: ги гледам задоволните лица што пробуваат од тие алхемичарски чудесии, сплотени во заедничка цел наречена добар вкус: уживаат тие, ужива и тој .

Потврда за различноста и убавините на истата е дека секој нешто прави, едните разгледуваат другите се местат за селфи, третите уживаат во муабети. Има што да се чуе, од прва рака и тоа е непроценливо.
Интересна пивска работилница на Дарко Трајковски, ладно цедено масло од лешник, масло од афион, Наша Фарма, буковска пипер во кесички и теглички, дрвени даски за сечење, обвивки за храна и многу љубопитни лица кои истражувајќи и минувајќи низ тезгите си ги одбираат своите херои.

Неколкупати доаѓам до тезгата на брачната двојка Ангелески. Ми годи луто- благо, мармелад од шипинки нагиздан со домаќински карирано капаче, како од детство или од некоја сказна. Ми годи и муабетот.
Мирјана повторно направила штрудла, таква нема да се купи. Се обидувам да го запомнам рецептот и енергијата на денот што навистина успеа да релаксира.
И посакувам што поскоро истото да се повтори.

Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!