Да се почуствува вознес со кој децата ги оживуваат ликовите на Петар Пан, на пиратите, индијанците, изгубените момчиња, сирени, тревки…, да се види Капетан Кука, Ѕвончица, Венди.., многу музика, забава и хумор „од деца за деца“- се заборуваше на неодмнешната средба со новинарите, чиј повод беше детската балетска претстава „Петар Пан“. Деновите на случување се петок (31 март), со две претстави од 17.30 и 20.00 часот, и сабота (1 април) од 11ч. и 13 часот во Националната опера и балет.
Авторот на музиката Владимир Дојчиновски-Дојчин, информираше дека музиката на претставата има оркестарски призвук а најоригиналниот дел е што сонговите се со различна динамика, а нив, во македонската верзија ги пее Миа Кантарџиева – Петровска а во албанската – Амернис Нокшиќи.
– Ова е најоригиналниот дел од изведба на Петар Пан, бидејќи е дело за кое до сега се направени многу театарски претстави и филмови.., и тука, низ целата музика проткајуваат сонгови кои ги пее Ѕвончица и кои се преубави. Има шест сцени, имаме многу чудесии.., имаме главни теми на Петар Пан, на капетанот Кука, на Ѕвончица, на индијанци, пирати…“
Ирена Лозинска која во претставата ја потпишува кореографија и режија, откри дека ја воскреснуваат претставата од пред 20 години.
– Со Ристо Самарџиев и Дојчин соработуваме одамна и во секој ангажман сакаме да направиме нешто невообичаено. Сега сме со омилениот лик од истоимениот роман на Џејмс Метју Бари, ја оживуваме претставата по 20 години, сите созреани во професииите. Се е поинаку: претставата има вкупно седум сонгови, преку кои Ѕвончица ги раскажува следните сцени и тие се направени на македонски, албански, ромски а наскоро и на турски јазик, за да сите деца можат да ја видат претставата, па мотото е: од деца за деца…Што се однесува до кореографијата, се трудев да се прилагодам на возраста на децата од „Арт балет“ а стилот е мешан, класично- модерен.“
И Ирена, како и другите од тимот изрази желба што поскоро новите сонгови- евергрини, Ристо да ги стави на носач на звук.
Управителката на балетското студио „Арт Балет“, Тамара Ѓурчиновска вели дека подготовките почнаа од октомври, со проби од 2 до 6 часа, а голема чест и огромна шанса е да се работи со професионалци што ја потпишуваат претставата.
– Петар Пан има две постави и во секоја претстава играат по 57 деца. Самата претстава е магична, за сите возрасти, сите сме фасцинирани од авторската музика на Дојчиновски а песните се хит меѓу децата. Гласот на Ѕвончица одзвонува во нашите уши а претставата е магична… И покрај ангажирани и напорни проби, децата со нетрпение очекуваат да ги облечат костимите и да застанат пред публиката.“
Ристо Самарџиев, кој го напиша сценариото и сонговите истакна дека по многуте љубоморни перипетии на Ѕвончица, Петар Пан и Венди, љубовта сепак победува, што е најважната работа за децата ама и за сите со чиста мисла и детско срце.
– Убавина што ја доживеав на пробите на „Петар Пан“, гледајќи го вознесот и професионалноста на децата, ме направи пресреќен а тоа знам, ќе биде уште посилно на сцената… Секој може да лета со мислите, ако тие се чисти, треба да се живее со боите на животот и со чувањето на детето во нас…“
И Самарџиев потсети на истоимената балетска претстава од минатото, со која го затворија детскиот фестивал во Шибеник и констатираше дека оваа е многу поразлична од онаа пред 20 години.
– Сите сме многу позрели, поразиграно е на сцената, и што е најважно, сите сакаме да поживее детето во нас… Сите што ќе го видат „Петар Пан“ ќе почуствуваат огромна убавина, а за да таа трае, се надеваме на уште многу вакви претстави.“
Да потсетиме, костимите за претставата „Петар Пан“ се на Елена Вангеловска, сценографијата е на Љупчо Јованов а покрај децата од балетското студио „Арт балет“ учествуваат Веселин Трајковски и Ницолас Алехандре Хоурсеау, гостите при балетскиот ансамбл на НОБ.
Плакатот на „Петар Пан“ го изработи Денко Матевски, продукцијата е на М- Соунд.
Билетите можат да се набават на mktickets.mk, Југотон и Литература.мк.
Коментарите се затворени