Писмо до Дедо Мраз. Васил Зафирчев: Ви посакувам тишина во која ќе можете да ја видите светлината во вас
Никогаш досега не сум пишувал писмо со желби до Дедо Мраз. Од една и единствена причина што јас моите желби никогаш не ги кажував на глас, туку секогаш тивко во себе. Во мојата тишина. Во тишината на моето постоење. А тој, мојот Дедо Мраз, секогаш без исклучок ги исполнуваше тие мои замисли и посакувања, тивко и нечујно. Во неговата тишина. Во тишината на неговото постоење.
Затоа во овие неколку редови од моето прво писмо до Дедо Мраз, јас ни најмалку нема да ги изложувам моите желби за себе, туку во него сакам да ја споделам мојата најискрена и најдлабока пожелба, упатена до вас, читателите на 7дена.мк. А таа е една и многу едноставна. Се вика – тишина.
Да, знам дека ќе ви звучи неверојатно, но во Новата 2020 година јас од срце ви сакам токму тоа – тишина. Тишина во вас и околу вас. Тишина во која ќе можете да се наслушнувате себеси, да го слушате вашиот внатрешен глас и неговата тишина, за да можете потоа вистински да се откриете себеси, да знаете кој сте, какви сте и кој е вашиот вистински животен пат.
Тишина во која ќе можете лесно да го разликувате привидот од стварноста, доброто од злото, вистината од лагата, среќата од несреќата. Ви сакам тишина во која ќе ја слушате вечната песна на вашата душа, за потоа да можете во неа да го храните мирот, спокојот и хармонијата, да го храните сето она што е за нејзиното највозвишено убаво и добро. Ви сакам таква тишина во која ќе ја спознаете универзалната љубов која извира од вашето срце, за да можете потоа со неа да ја откривате неразбудената убавина кај другите. И за крај ви ја сакам онаа тишина во која ќе можете да ја видите светлината внатре во вас, за потоа таа да стане светлото на вашиот пат но и на патот на оние кои ги сакате и кои ви значат.
Ви ја сакам таа тишина. Толку проста и едноставна. Во која само мирно ќе седите, ќе набљудувате и ќе чекате.
А потоа ќе сведочите на чудата на таа тишина, чудата кои тивко и нечујно ќе се случуваат во вас и околу вас. Среќно!
Коментарите се затворени