22.8 C
Skopje
четврток, март 6, 2025
spot_img

По Винскиот салон во Битола: Се токмиме за петото издание

Овој викенд, поточно во првата декемвриска сабота, во пресрет на празниците и во исто такво- празнично расположение, во Битола се случи четвртото издание на Вински салон – SLOW WINE 2022.

Кога станува збор за овој вид на настани што ја опишуваат винската култура- сите зборови и симболи треба да се прифатат како вистинити, па и онаа константа на Хемингвеј, дека токму виното е најцивилизираната работа на светот. Кога ќе го почувствувате таинствениот вкус на превриениот гроздов сок, кога ќе ја кренете чашата да наздравите, ќе разберете зошто го нарекуваат божји пијалак.
Да, виното е постаро од вистината а на сцената на Центарот за култура во Битола своите вистини ги имаа пресните винарии, кои се потпишаа преку виното во кое ја препознавме слободата на вкусот, богатството, љубовта. И уште: предизвик што се дел од ивентот кој полека но сигурно станува традиција.

Неколку дена подоцна, во диплењето на впечатоците, ќе речам: да, Винскиот салон беше вистинска Битола: возбудлива, галена, па афективна, чуствиелна, фуриозна…дишеше со шарм, во амбиентот стокмен и препознатлив за луѓе што живеат со ронка гламур, сеедно каде: во мислите, глаголењето, светогледот.

Приземјето на Центарот за културата беше можност да се видат хероите на Слоу фуд, да се слушнат нивните приказни „од вилаетот“ и да се вкуси се она што го изнедриле нивните желби, труд и амбиција.

Атмосферата кај слоуфудашите е домаќинска и полна со радост, какви што се трпезите на кои се собираат пријателите. А ноќта ја потпишаа – тартуфите на Валентина Митрова, џемовите на Мирјана Ангелеска, ладно цедено масло од лешници на Перески, мед од браќата Јовчевски, солените деликатеси на Дамјан и Билјана Гаврилоски, Калеш мара, љубената на Давид, кој со „Кози млеко планина“ направи симбиоза со Слоу фуд Прилеп…, па кашкавалот на Игор, тартуфите на Саша Стојчевски, буковска пипер, благите чудесии на Клечкароски…
Вистинско изненадување: за „група на ќеифлии на зреено месо“ и хајлат на вечерта: прасечко печено од фурната на семејна фарма од селото Лопатица.

Мераклии и боеми: немаше човек на кого не му се бендиса понудата, што не се заслади со нешто, па така „опремен“ се качи на винскиот остров. Кај вината е друга атмосфера, просторот, играта на светлоста воведува во вистински вински амбиент.
Сите се на сцена, и музичари и винари и гости, пријатно е и инспирирачки. На секој чекор- „селфи тајм“, што поради можноста за спомени, што поради навика, насмевки, ти реков ми рече, муабети.

Програмата на Винскиот салон е светска со носталгична нота. Можеби поради новите бекрии кои и наслутуваат какво чудо е животот. Дека, уште не трепнале, денес станува вчера, а сцените незапирачки се менуваат.
И затоа вреди да се крене чашата, за минливоста и за храброста да бидеме светилници во разни, но најмногу во своите животи.

Полни и празни чаши, шарени вински шишиња, ама и пиво: Бакревски на пример, а потоа и ракија: Вк со новиот адут- огнена вода од лаванда.

Спектакли од вкусови: Пешеви со меурчињата во Смедервка, потоа предизвиците на Ерос, на Иванов, Захарчев, Сарика, Киево, Маркова кула, Изворно, Николов, Арабеска, Наумчеви, Попови, Цветановиќ, Томино, Марков, Плетварски, Јаковлевски, Пармак, Параџик, Манастир, Коцев, Клинчаров, Максимилијан.., стокмени етикети, лични луѓе, звецкаат чашки, како да си дел од некое кабаре а улогите си ги менуваш од штанд на штанд.
Креваме чаши за винскиот оскар за Водичот на Slow Wine, муабети, добра музика, пак вино, потпетици.

Пред полноќ не завршува магијата на пепелашките, ретко кој го напушта теренот без план да ја потроши саботата- до крај. На битолските чупиња виното им ги нацрта ѕвездите во очите, ние со поголем багаж, дојдовме со светлината одвнатре.

И заврши, како во еден здив, во една целина која како калеидоскоп се спои со претходните изданија и вети повторување. Ете затоа Битола е поинаква и затоа ја сакаме. На успешните приказни им ја пишува биографијата.

Валентина Вања Тодоровска
П.С. Комплименти за Слоу фуд Битола, Слоу фуд Македонија! Се гледаме пак, за арно за убо, на петтото издание на Винскиот салон.

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена