По пауза од неколку години, на радост на љубителите на добрата македонска народна песна, година повторно ќе се одржи фестивалот „Прилеп фест 2022“.
Датата и времето се познати: 26 мај, Домот на културата „Марко Цепенков“ а покровител на фестивалот ќе биде Општината Прилеп.
„Прилеп Фест“ е познат по тоа што досега имаат учествувано најквалитетните музички имиња од нашата земја, кои оставиле бројни хитови.
Организаторите на фестивалот „One Way“ продукција, односно Борче Нечoвски и Дејан Момироски, велат дека оваа година прилепчаните ги очекува вечер со квалитетни песни, отпеани од најзвучните имиња од нашата фолк-сцена.
– Ни претставува огромно задоволство што повторно ќе го вратиме овој фестивал, бидејќи тој беше и ќе остане еден од симболите на градот Прилеп. Она што го ветуваме е квалитетна музика, познати изведувачи- докажани на македонската сцена, а се разбира можност ќе добијат и неколку нови имиња – велат организаторите.
На сцената во Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе настапат дваесетина изведувачи, а своето учество веќе го потврдија: Наум Петрески, Анета Молика, Елена Велевска, Татјана Стефановска, Андријана Кеш и уште неколку други.
Она што е важно да се напомене е дека фестивалот ќе биде емитуван на една наша национална телевизија а изведувачите ќе бидат наградени со признание од публиката, како и од стручната жири комисија. Ќе биде доделена и наградата за животно дело.
Се гледаме на „Прилеп фест“ на 26-ти мај!