По 35-тото издание на Фолк фест Валандово. Долга и жешка валандовска ноќ

Само што помисливме дека пандемијата, изолацијата, особено музичката апстиненција од првиот фестивал на македонската новосоздадена песна „Фолк-фест Валандово“ не направи подобри од гревовите на минатото, се случи 35-тото, јубилејното издание, и се вратија старите навики. Иако не сакав да го почнам текстот со песимизам, особено откако Ламбе Алабаковски „го украде“ шоуто, и неколку дена подоцна, свежи се впечтоците од фестивалот.
Финалната сметка вели: првото место за дебитантка, Пепита Бојкова и песната „До мојот последен ден“ а второто за Лилјана Прнаркова која со „Стариот јавор“ се пласира на второто. Одвишно е да кажам дека и двете се од тој крај , па валандовската публика ги изигнорира сите други копозиции, и гласаше за „своите“. Така, дури на третата позиција се најдоа „Изгубени души“ и Ефто Пупиновски, а толку многу песни останаа ненаградени.
Но, да тргнам од почеток.

Овој викенд, во градот на калинките, Валандово, годинешниот град на културата се случи јубилејното фестивалско издание на Валандовскиот фолк фест. Секој од нас има интерни сеќавања и искуства врзани за овој реномиран фестивал: ех какви пријателства и песништа се родија токму тука, благодарение на идејниот творец Костадин Костадиновски: Бисер балкански, Мајсторе мајсторе, Во црно вино утеха нема, Запејте мералкии, Стариот џумбушлија, Сине мој, Една песна јас да запеам, Пеам да не заплачам, Има ли песна, Како да ти кажам мила, Жал за Деспина…
По пауза од три години, сите зажелени за песна и авторите и пејачите а богами и публиката, со емоции- што напишани што доживеани, ја вшештеа атмосверата во ионака прежешката сала „Јанко Узунов“ во Валандово.

Да, на таа температура не беше лесно да се сослушаат сите 23 песни па се прашувам како организаторот, знаејќи ги условите на салата не го префрли фестивалот неколку чекори „погоре“, на шармантниот плоштад, каде во петокот и саботата настапуваа Ленче и Горан Кукиќ, Дац и Александар, Владо Јаневски и Љубојна…

Генерално гледано, фестивалот навистина беше добар, неколку песни веднаш се залепија за душа, голема беше конкуренцијата и во текстуалниот дел, аранжманските решенија беа инспиративни, интересни, богати, исто како и вокалите што ги сакаме и почитуваме сите години наназад. Вистински празник за сите, уживаше оркестарот, пејачите а и ние во публиката.

Се редат песни, громогласни аплаузи, се потпевнуваат рефрени, Сузана Спасовска покрај раскошни букети цвеќе доби и шише масло а Ирена Спировска и Ѓорги Калајџиев, уиграно, професионално и маестрално водат низ долга фестивалска вечер.

Душко Георгиевски ја пее „Скрши чаши русвај направи“, комплименти за Благоја Грујовски и „Не ме чекај ноќва“, „Љубов ах љубов“ ги разнежнува сите, а на тој бран е и песната „Изгубени души“… Тука е и боем Перо Христов, Нино Величковски, „Нема збогум“ и аплаузи на подршка за Ламбе Алабаковски, во ново издание и со сменет имиџ на сцена е и Тодор Зафков, убави настапи на Далибор Ѓошиќ, Елена Андонова… Јаготката на шлагот е настапот на фолк дивата Блага Петреска која со 7 песни од Валандовскит фестивал и ја освежи меморијата на публиката.

Доминација на музичкиот локал патриотизам дојде до израз по спојувањето на гласовите на публиката и жирито и се случи што се случи: изненадување, неверување, но среќа постоеа уште неколку награди од жирито, па приказната стана поубава.
Наградата за животно дело му припадна на Костадин Костадиновски, награда за текст ја доби Ѓорги Барбаровски за стиховите во песната „Патувам“, најдобро аранжманско решение за песната „Љубов, ах љубов“ ја напиша Љупчо Мирковски, најдобра интерпретација во силна конкуренција, беше за Далибор Ѓошиќ кој ја изведе песната „Каде си” а за најдобар дебитант е прогласена Бранка Соколовска, што ја запознавме преку песната „Слики”.

Искрено кажано, вака габаритен јубилеј вредеше да се одбележи и со една музичка прошетка низ годините, во превод, со уште еден ден кога ќе се потсетевме зошто ги засакавме медитернските ноќи во прочуениот „Фук Так“. Така велат оние со подолга меморија меѓу кои е и потписникот на овие редови.
Ќе завршам оптимистично: наградите се забораваат, песните остануваат. Продолжува валандовската музичка традиција.

Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!