Промоција. Време е за „Taftalidze Shuffle“ на Влатко Стефановски

Денес е денот на враќањето на старата нормалност преку универзалниот јазик на музиката – промоција на новиот албум „Taftalidze Shuffle“ на Влатко Стефановски: повторно извишување, сонце, живот, возбуда…
Првин се исцеливме со „Огледало“ („Огледај се во мене, ко во бистро езеро.. , за да видиш која си, за да видам дали моја си…. Јас сум ти огледало од сегде што те гледало…“), и: Влатко е во одлична, креативно-поетско-свирачка форма.

Се работеше и се твореше во времето на пандемијата, затоа што Стефановски општото глобално лудило го прескокна „низ внатре“, создавајќи музика натопена со она што го има од левата страна- желба за животот.
Песните на албумот се придружувани од познатата и инспиративната екипа- басистот Иван Кукиќ и Јан Стефановски (тапани), и се поминати низ „будноста во себе“ на Стефановски. Патем, убави луѓе се собрани во Taftalidze Shuffle: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ, Васил Хаџиманов, Андријана Јаневска, Теодосиј Спасов, Никола Ристановски, сместени во темите Тaftalidze Shuffle, Funky junkie, Игранка, Гаража, Global Warming – local freezing, Огледало, Немам песна за тебе, Раскрсница и Дијаспора.

„Taftalidze Shuffle“ се раѓаше во студиото на Влатко – „Езотерија“, во „Тра ла ла“ на Мите Димовски се правеше миксот и мастерингот а издавачот е Croatia Records.
Кога е Влатко во прашање, во многуте фрази, општи места и синоними што најчесто ги користевме величајќи го делото на нашиот уметник, денес се чини најточен е зборот- достоинство.
Навистина е достоинствен во творењето, животните премрежја, толку е стамен и човечен во доследноста кон себеси, кон моќта тагата да добие нов лик а мудроста и кротоста да возвишат до исцелување…
Привилегија е што го имаме Влатко Стефановски.

Вања Тодоровска

Фото: Instagram

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!