ПРОМОЦИЈА НА ТРЕТОТО ИЗДАНИЕ НА НОВЕЛАТА „ЛАСА“ НА НАТАША ДИМТИРИЕВСКА-КРИВОШЕЕВA

 

На 24 април 2019, во просторот „Булевар на книгите“ на издавачката куќа „Матица Ексклузив“ во центарот на Скопје, со почеток во 19 часот ќе се одржи промоција на третото издание на новелата „Ласа“ на авторката Наташа Димитриевска Кривошеевa.

Книжевното дело „Ласа“, кое првично излезе во 2010 година, овој пат е збогатено со куса рецензија, како предговор на сега веќе покојниот академик Ташко Георгиевски, што на ова трето издание му додава посебен шарм и вредност. Книгата е надополнета со уште еден дел кој најмногу наликува на божиќен и велигденски бележник за уште грст нежни и емотивни спомени, а во неа се поместени и некои од највпечатливите и најзначајни оценки, белешки и коментари на читателите за „Ласа“.

„Ласа“ е исклучително емотивна, вистинска приказна од почеток до крај. Во суштина, претставува своевиден прирачник за односот мајка-ќерка, кој, во третото издание, ќерката (авторка на книгата) уште повеќе го продлабочува, па така емотивната исповед добива нова димензија и на делото му додава сензибилизирана перспектива на разбирање на две мајки.
Во оваа насока, во предговорот академик Георгиевски пишува: „Потресна исповед и на мајката и на ќерката. Имаме подолга новела, која со уште еден напор може да се претвори во кус роман. …Исповедта на мајката е добра и премногу трагична и на крајот е испреварена од смртта… “Поводот за реиздание на „Ласа“ е 10-годишнината од смртта на мајка ми. Секако, околностите се менуваат, но приказната е иста. Книгата, всушност, ја напиша мајка ми Ласа, а мојата улога е да ја раширам приказната. Јас сум само хроничар на фактите.“ – говори на оваа тема авторката Наташа Димитриевска Кривошеева.

И контекстот во чии рамки се одвива приказната изобилува со факти и хроники за едно време од пред 60-тина години па сѐ до 2010 година, опфаќајќи ги годините на домско живеење на децата- бегалци од Граѓанската војна во Грција како предодредница на нивните животни судбини.

Наташа Димитриевска Кривошеева, освен на „Ласа“, автор е и на уште две книжевни изданија – кусите романи „Девојко мала“ и „Пинокио и вештерката“.

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени