Сите што во последниот дел од викендот беа дел од Фестивалот на биодиверзитет, во најубавиот дел од Дебар Мало- паркот на Франкофонијата, собрале енергија за цела недела. Најсериозно. Луѓе, храна, зеленило, музика.., делуваа како природен лифтинг за сите нас, испостени души. И додека се собираат и диплат впечатоците, ќе споменам дека настанот почнува да ја пишува својата историја: се случува по трет пат, благодарение на Слоу Фуд Водно и поддршката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Оптимизмот на старт: уште од рани зори се местат производителите, 45 на број, од Гостивар до Валандово, некои станати пред зори да го фатат патот за Скопје, да го промовираат тоа нашето, здраво, слоуфудашко, да го спасат од заборавот… Лека полека, додека се поставуваа тенди, маси и клупи, сликата добива рамка а како што почнаа да доаѓаат луѓе, сликата стана- голем пикник во парк.
Видов шаренило од птици, небо и ведри луѓе на кои енергијата им нацрта насмевки на лицата…,разни звуци нетипични за нас, загадените од градот… Паркот навистина наликуваше на детство, на постојаност, неменливост, нешто како блуз на младоста со точна гурманска дестинација. Звучи сочно и книжевно, но, ова не е проза и пејзаж, туку е и економија, грижа за производителите, земјата, планинските и маргиналните области, обнова на напуштените огништа… Слоу фуд Македонија во своите редови ги има најдобрите производители кои ја бранат агендата поврзана со автентичната храна и овој пазар вклучува нешто посебно, што го има секаде каде што е знакчето на полжавот – презентации, дегустации, животот „натенане“, што би значело и ова: секој на својата тезга како со својот интерен космос со посветеност и вградена љубов, со инспиративен адерналин ја раскажува својата приказна. Посетителите пробуваат, се создава убава врска што резултира во желба за повторно видување. Така беше цел ден во паркот: раздвиженост, храна, пиење, добра музика, деца …
И ова не е обичен пазар на локалните производители, туку мисија, нашето да се спаси од забревтаната технологија… И, секој од тие херои, со својот адут, производи спакувани во шишиња, тегли, хартија.., така нагиздени, го разубави тој 18-ти по ред, јунски ден во 2023., лето Господово.
Гледам добро познати и драги ликови: Мирјана и Бранко Ангелески, зајакнати со подмладокот, и тегли полни со веќе прочуениот џем од шипинки, слатко од капини.., ама и прекрасно домаќински нагиздани куглофи и штрудлички. До нив, Валентина Митрова со нејзиниот бренд Туф, мк, и вообичаената слика: гужва, се пробува тартуфата, џем од портокал со тартуфи, путер…, некои за првпат се запознаваат со оваа декадентно неодоллива печурка, некои се веќе навлечени на вкусот.
Тука е и друштвото од Осоговски слоу фуд- Страшко, Јовка, Драган, Владо, Донче, сите насмеани, позитивни, со нивните деликатеси- Јовка ги нуди слатката од бели сливи, јаболка, јагодки, Сташко плени со глаголење и неговите луто- благи деликатеси, ракии достојни за машки фалбаџиски анегдоти…, заводливи се питите со коприва и блитва, леб со хељда…
Прошетката ја правам и му наздравувам на животот во друштво со ликер од кафе на вучицата Јуле, додека нејзиниот Јорде ги брани боите со крафт ракии ВК.
Игор од Дихово и Давид од Раштак некако најбрзо ги продадоа сирењата и кашкавалите, не стигнав да се насладам од тие прекраснотии, но ги гледам во време кога ги создаваат спомените. Секој кажува по некоја здравица, правиме селфи и му се радуваме на денот, всушност, најсреќни сме на светот, бидејќи небото не почести- не врне…
И сега, здружени со иста цел, секој од нас додава по некој сегмент на убавата глетка, зборуваме, пробуваме, даваме идеи… Тука е и двојката Перески, со највкусните лешници, маслото и заводливиот чипс од лешници, Саша со тартуфите, неразделен со Дамјан од Гостивар, прочуените Гаврилоски. И кај него редица, сите што вкусиле, се вратиле за да купат сланина, колбаси, печеница…
А, кога се разгоропади првичната идеја на „апетит во најава“, во моментот на одлука, пробав нешто ново, слично на ѓомлезе, ама посочно, „помеѓу редови“ со кравја маст и кајмак: флии. Кај убавата Хајрие, една од седумтте сестри, тепсите се празнат како на лента што кажува дека специјалитетот е на вистинското место.
И има уште, ајде наздравје, со вината на Сарика, Јостела, Максимилијан.., со пивата на Марјан и Дарко, се убаво, за истерување ќефови и мераци. Кој сака засладување го пробува слаткото од диви смокви од Александра Картелова, на која и делам комплименти за настанот што неодамна, во чест на смоквите се случуваше во Богданци.
Посебен белег има Леска, односно Пеце од Струга кој веќе стана алфа и омега за благи намази од лешник. Ах какви чуесии прави овој наш алхемичар!
Омилените прилепчани, овој пат со месеници, Тодорка и Диме, ме нудат со орасници и селски комат: ја гледам носталгично питата, идентична е со онаа што јас ја знам како смилевски комат. Кој да одолее, пробувам : вкусна е исто колку што е убава. Најубава. Гастрономска месачка егзибиција набрзо им ја испразни тезгата и ги наполни со комплименти…Многу производители што за првпат ги среќавам, нови производи, нови лица, и сите тие стануваат дел од семејството на Слоу фуд.
Не им робувам ниту на датумите, ниту на времето. Денот е долг, посетители постојно има, некои направиле целодневна парк- авантура. Во доцните попладневни часови и ние сме занесени :се трепери од убавина, сонцето гали ама го најавува заминувањето, и токму поради скорешната разделба, секој зрак е уште подрагоцен…Беше ова прекрасен слоуфудашки ден.
Се гледаме на нова средба.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени