Саша Стојчески: Тартуфи, кралските печурки виреат во Македонија

Тартуфите се најскапите ама и најгрдите печурки на светот, растат под земја, избрчкани се и „неугледно отечени“ освен ако не ја подржувате константата дека убавината е во окото на набљудувачот.
Шегата на страна, но оваа златна печурка има специфична, опивна арома и за неа е потребен „добар нос“ и уште подобар ловџија. Ја нарекуваат и дијамант во кујната бидејќи поседува околу 400 мирисни ноти што ги препозннаваат врвните готвачи и шефови на кујни.
Слично на вицовите за брзи Гонзалес, затоа што и свен здравствени на тартуфите им се припишуваат и афродизијачки својства, се раскажуваат неверојатни анегдоти за нејзината моќ. И самиот податок дека цената се движи од 200, за црниот и 2000 евра, за белиот тартуф, доволно зборува за нејзината „надмоќ“ во потесното и поширкото семејство на печурки…
Но ништо не се случува преку ноќ, туку се учи, гради и надградува. Кога на ова ќе се додаде седумгодишно усовршување „на терен“ на тартуфарот Саша Стојчески, потоа „ловџија за тартуфи“- кучето Лео од расата лагото ромањоло, зошто само тие можат да ја намирисаат печурката, тогаш целата оваа приказна навистина заслужува огромно внимание.

Вашето успешно животно искуство едноставно потврдува дека човекот треба да остане смел, љубопитен, и- да ризикува. Како започна вашата приказна со тартуфите?
– Зборот тартуфарство ми беше непознат се до 2012 година, како за мене така верувам и за повеќето луѓе во Македонија. Со овој предизвик почнав баш таа година кога го зедов моето милениче Лео… Предизвикот беше голем бидејќи до тогаш немав искуство со кучиња, мојата дилема беше дали ќе успеам да го дресирам, бидејќи дотогаш исто така немав видено ни тартуфи. Но, сакав да се обидам и тоа беше мојот официјален старт со тартуфите.

Како реагираа блиските луѓе, пријатели, се сомневаа ли дека воопшто ќе ги најдете кај нас?
– На почетокот ми беше многу тешко затоа што незнаев каде да ги барам тартуфите, на кои места се кријат, под какви дрвја и на на која надморска висина успеваат, но бев упорен. Истражувавме и баравме со Лео и после два месеца ги најдов првите тартуфи, беа сместени под лешник. Тоа беше невидена радост, задоволство, успех, затоа што си докажав и самиот на себе а и на другите, кои се сомневаа дека има тартуфи во Македонија .

Беше ли напорно дресирањето на кучето за овој потфат?
– Почнав да барам на интернет како се тренираат овие кучиња, истражував по италијански портали, гледав видеа и така некако почнав со дресура.Тартуфите ги најдов случајно во една продавница во Скопје, ги платив 1500 денари за 20 грама и почнав со обука. Lagotto romanjolo е единствената призната раса во светот за пронаоѓање на тартуфи, не се тешки за дресура бидејќи лесно се навикнуваат на мирисот на тартуфите и многу се послушни и паметни.

Значи, тартуф бара погодна локација, под лешник најчесто. Кои се побројни кај нас, црните или белите тартуфи? И точно ли е дека белиот тартуф достигнува продажна цена и до 2000 евра.
– Тартуфите се подземни габи кои растат под одреден вид на дрва- лешник, даб, бор, липа…) Црниот (tuber aestivum) или летен тартуф е многу распространет, го има скоро на сите планини во Македонија.
Црниот есенски тартуф (tuber uncinatum) се наоѓа на повисоките планини во Македонија и расте до 1600мнв. Го има но во помали количини и- tuber macrosporum, кој е многу баран во странство затоа што мирисот е многу сличен со кралот на тартуфите.
Многу е распространет обичниот црн тартуф- tuber mesentericum, кој е со послаб квалитет од останатите. Инаку, цените се движат од 100 до 200 евра кај нас, а во странство и повеќе (сега есенскиот тартуф – tuber uncunatum чини 400 евра во Италија, бидејќи годинава послабо го има и цената им е многу висока.

Каков е кралот на тартуфите?
– Тоа е Tuber Magnatum-Piko, нај квалитетен тартуф со најинтезивен мирис и вкус и со највисока цена, која се движи од 1500 до 5000 иљади евра, го има на спесифични места со многу влага и многу е потешко да се најде бидејќи расте многу длабоко.

Колку кај нас, за интерна употреба се омилени тартуфите и што се имате во палетата на производи?
– Пред неколку години почнав да правам и мед со тартуфи, многу е баран и се користи за подобрување на имунитетот, содржи 22 амино- киселини, ја подобрува способноста за учење, меморија, концетрација и ментална издржливост. Тартуфот е многу силен афродизијак кој содржи феромон, хемиска супстанца која ја стимулира сексуалната активност.
Сега правиме повеќе производи како што се- тартуф во маслиново масло,тартуф со маслинка во маслиново масло, путер со тартуф,сол со тартуф, маслиново масло со вкус на црн и бел тартуф,мед со лешник, ораси и тартуфи, ракија со тартуф…

Претпоставувам тартуфите се често застапени во вашата кујна?
– Да и најмногу ги јадеме со тестенини, исто така многу се вкусни во омлет но и во други специјалитети.

За крај, што е најубавото нешто во трагањето по тартуфите и имате ли конкуренција?
– Задоволство и предизвик е кога се оди во потрага по тартуфи, природата е величенствена навистина: чист воздух, пешачење и се разбира собирање. Кога јас почнав да се занимавам со ова, немаше тартуфари но како одминуваат годините се повеќе луѓе се заинтересирани за оваа кралска печурка.

Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени