Страшко Милошевски. Најубаво е да се насладуваш од убавите глетки, доживувања и луѓе со иста или слична животна филозофија
Да постоеше училиште за животот, верувам дека Страшко Милошевски ќе држеше неколку катедри. Логично, бидејќи трансформациите на животот и поучните слова тој ги прифаќа со раце ширум отворени, па за своите духовни раѓања вели: „… прв пат сум роден од мојата мајка, втор пат кога од петстотини метри под земја преку тунелот во рудникот Злетово излегов на светлината и се запишав на Факултет за драмски уметности, трет пат како нов човек по дипломирањето, четвртиот пат се родив со запишувањето на Теолошкиот факултет во Скопје и по запознавањето со Бога …“ А најблагородна работа, продолжува овој интересен човек, е што учењето секојдневно трае а учителите како знаците покрај патот, никнуваат постојано.
Ова интервју е добро за препрочитување, особено затоа што Страшко, како деклариран вљубеник во животот, храната и пијалокот ги смета за духовни а не за телесни задоволства…
Навистина сме, како што вели, Гане Тодоровски: сонцељубени- планини, ливади, зелени широчини откаде можеш да си ги напоиш и очите и душата. Колку ви е инспиративна природата, и колку моќно звучи кога ќе распостелете некој рецитал врз планинскиот масив на Осогово?
– Ој природо вечна убавице, ти создаде сe на овој свет, жали горо жали сестро, горо ле, горо зелена, еј Пирине, се навали Шар планина итн., се само еден мал дел на песни во кои се опејува природата и убавите македонски планини, судбински поврзани со просторот на кој живееме. Но не само народниот гениј, туку и многу современи автори, во своите дела ја опишуваат и опејуваат убавината на природата. Јас со моите пријатели планинари или со членовите на Слоу Фуд Осогово многу често сум на падините, ливадите и планините во оваа наша прекрасна Македонија. Дали сум покрај Струмине, или Вардарине, или на Осоговието, или на Бистрине или Корабине, на Пирин, Пелистер, Кожув или Шар планина, секаде се чувствувам благословено и возвишено. Инспириран од таа божја убавина им рецитирам стихови од наши македонски поети, како што се Гане Тодоровски, Блаже Конески, Ефтим Клетников, Чедо Јакимовски, Анте Поповски и многу други. Нема ништо поубаво од тоа да се насладуваш од убавите глетки, доживувања, песни, разговори, нови пријателства со луѓе, со иста или слична животна филозофија.
Во вашата биографија е забележано: и рудар и актер, и тунел и светлина, прагматична искра и емоција… Во последниот период пошироката публика ве гледа и во македонските народни приказни, но тука се и сите нешта што ве прават комплетен- планинарење, примена на филозофијата на Слоу фуд во животот…
– Во источните традиции и религии постои феноменот на реинкарнација, буквално значи да се родиш во ново тело. Според ова верување, во текот на секој живот во физичкиот свет се добива нова личност, но еден дел од душата, односно „јас“ постои во сите животи, т.н. инкарнации.
Јас моите инкарнации, односно трансформации, ги живеам. Прв пат сум роден од мојата мајка, лесна и земја. Втор пат се родив на дваесет и четири години, кога од петстотини метри под земја преку тунелот во рудникот Злетово излегов на светлината и се запишав на ФДУ (факултет за драмски уметности во Скопје). Трет пат се родив како нов човек по дипломирањето на ФДУ. Четвртиот пат се родив (во духовна смисла, се разбира) со запишувањето на Теолошкиот факултет во Скопје и запознавањето со Бога (ова беше само обид за студирање). Но учењето продолжува. По патот по кој одам, секојденвно наидувам на нови учители кои преку своите совети и поучни слова кај мене и во овие години сe уште предизвикуваат интерес и жед за нови знаења и нови трансформации и инкарнации и доближување до Бога, затоа што треба да бидеме подобри, „подобри од црвеното срце на лебот, подоби од белите усна на водите, заради нас, заради нас, заради човековиот „добар ден“, заради она невино дете што го замислиле твоите утра и божилото на твоето срце“ (Ацо Шопов).
Предизвикот што ви го даде природата, од неа да изнедрите многу интересни производи, резултираше со неколку приказни спакувани во: оцет од диви кисели јаболка, ракија облагородена со лековити тревки, претпознатливи слатка од пиперки со пикантен лут вкус… Најубавото е всушност што сте внесени во сите фази, па и во онаа финалната- кога тоа, со широка насмевка и убава шапка им го нудите на купувачите…
– Одејќи по патот во потрага по нови знаења, се запознав со филозофијата на Слоу Фуд и веднаш ја прифатив како нов стил и начин на размислување и живеење, затоа што Слоу Фуд се залага за добра, чиста и правична храна за сите.
Добра – значи вкусна храна, спсообна да ги стимулира и задоволи сетилата на консументот и дава задоволство додека се јаде.
Чиста – значи здрава храна, произведена во хармонија со природата, каде што производителот ја почитува животната средина, благосостојбата на животните и човековото здравје.
Правична – Слоу Фуд верува дека храната е универзално право на секое живо суштество.
Ние, како членови на Слоу Фуд, се залагаме за одржлива храна базирана на зачувувањето на биодиверзитетот и традицијата.
Градиме гастрономска култура инспирирана од традицијата, разновидните земјоделски производи од локалните производители и знаењето на новите генерации за одржлив развој.
Како еден од основачите, а подоцна и претседател (лидер) на Слоу Фуд Осогово во Пробиштип, имав можност да посетам неколку саеми на храна – во Софија, Дубровник, Тирана, Торино и повеќе мали саеми, каде запознав луѓе, локални производители на храна и пијалоци од 160 држави од целиот свет. Целото тоа искуство решив да го прилагодам и применам и овде кај нас, со локалната храна и ресурси со кои располагаме. За кратко време успеав со неколку производи, како што се: луто слатко, јаболков оцет од диви кисели јаболка, балсамико од модра слива, разни ракии облагородени со диви билки, осоговскиот шарен грав, слатко од ѓумбир и портокал итн., да го свртам вниманието на консументите, не само со производите, туку и со љубезниот однос кон нив и паролата „кој пробал знае“ и секој што пробал ќе си купи по некој производ. „Ако сакаш да си потентен и здрав, јади секој петок осоговски грав!“
Што вели вашето искуство, кога изложувате со Слоу фуд низ Македонија: каде и што најмногу се купува, каде се најљубопитни луѓето, колку сакаат да експериментираат?
– За жал, во последниве две-три години ни се успори динамиката на изложување на нашите производи поради ковидот. Но каде и да се појавиме со нашите производи наидуваме на добар прием, затоа што луѓето се едуцираат за нужноста од добра и здрава храна и сакаат да пробаат нови работи.
Колку вашиот пример ги мотивира останатите членови на Слоу фуд, но и луѓето од пошироката околина? Што се има во источна Македонија а што е примамливо за нас останатите?
– Преку едукација, кампањи и промоција на Слоу Фуд вредностите во нашиот Осоговски регион, успеавме да заинтересираме повеќе мали производители кои се одважија на пазарот да понудат дел од своето домашно производство. Како што се производи од шумски плодови со кои изобилува Осогвскиот регион, капина, шипинка, диви јагоди, боровинки, мед, грав, сирење, к`цана сол, компири, ракија од цреши, од вишни, домашни пити, леб од `ржано брашно и брашно од хељда и уште многу други производи кои ги нема во трговската мрежа, затоа што се произведуваат во мали количини.
Бидејќи го сакате животот, а забележливо е, и тој вас, која е вашата девиза за животен хедонизам? И колку сето тоа го оплеменувате со емоции?
– Во ова што го работам секако дека вложувам голем напор и труд, но се разбира и љубов и страст. Кога Бог ги избркал од рајот Адам и Ева, им рекол „отсега ќе се храните од плодовите на рацете свои“. Јас храната и пијалокот ги сметам за духовни задоволства, а не телесни, како што стои во формулацијата за хедонизам.
Како што му доликува на еден актер, би сакал за крај да ве почестам со неколку стихови од Ефтим Клетников: „Бидејќи едно е саќето на духот, а другото е саќето на душата, едни пчели го полнат едното, а други другото. Но полн е секогаш садот на создателот, макар што постојано си заминуваме ние, и сe е растење и склад, без разлика на секој пад и одрон, пак розите се креваат и пупат сред небесата.“
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени