Поминаа точно 3 месеци од свадбата на ќерка ми Лора… Ај нека не е секој втор, ама секој трет ден ми се случува дали на улица, во продавница, на пазар или во ресторан да ми „честитаат“ луѓе (непознати, а и познати) со реченицата:
– Аааа Турунџиева ти си станала баба, е како така брзо?!
А шта „речи“?! „Речи, или- не речи“?! Уствари, муабетот ми е да се заблагодарам, да им одговорам нешто,или да се направам дека ништо не слушнав, а?!?
И не, мене тоа не ми предизвикува нервоза, ниту ме навредува, (бидејќи од секоја уста одамна не дозволувам да се навредувам) туку ме ужаснува и запрепастува фактот што само во Македонија родителите на невестата (после веридбата) по дифолт стануваат баба и дедо, дури и кога по волја на судбината младите немаат деца. Катастрофа! Кое ужасно дно.
Е па затоа денеска сакам да им кажам на оние што мислат дека ми „честитале“ за ќерка ми дека така не се честита, туку само на тој начин се „кинат зелени“, кои се одраз на еден дамнешен примитивизам и малограѓанштина. Такви неотесани прашања, коментари и несмасни „честитки“ или не дај боже „комплименти“ не смее да си дозволи никој, колку и да ви е близок, или да мисли дека тоа е дозволено кога сакаш добронамерно да се пошегуваш. Затоа што тоа не се вика шега, туку се вика бламажа и пикање нос кај што не ти е работа.
А за комплимент па и да не зборуваме!
Со тоа што мојата ќерка се омажи јас добив зет, ама сеуште не станав баба. Здравје боже ќе станам баба кога ќе ми се роди внуче! Е нему ќе му бидам баба, и тоа ќе се потрудам да бидам супер баба!
А до тогаш, на моите деца (покрај мајка) ќе им бидам се што им зеде животот: И татко, и дедо, и вујко и братучеди, и браќа и се останато…
А баби, фала богу си имаат, и тоа прекрасни!