Љубител сум на храната, особено на онаа што дебелее, како што се благите и тестенините. Но кога ќе претерам и кога ќе ставам неколку килограми плус, како што знам да кажам- кога ќе се запали „црвеното светло“ на вагата, спроведувам режим на исхрана.
ОН диетата е мојот избор, режим кој ми одговара и кој ми дава ефекти. Тоа е многу познат режим кој ми е лесен за спроведување. Се води во циклус од 4 дена, кој се повторува три месеци, но може и помалку, доколку се постигнат посакуваните килограми. Секое утро се јадат две овошки или една банана. Ручекот и вечерата се исти.
Првиот ден е протеински- месо или риба, или јајца, можеби сирење со салата.
Вториот ден е скробен: одбираш еден вид скроб- компир, грав, леќа, ориз со салата.
Третиот ден е со јаглени хидрати: варена тестенина или тесто без јајца и млеко и салата, за вечера може истото или колач, торта, сладолед и ред темно чоколадо.
Четвртиот ден е витамински- овошје и свеж зеленчук, 100 гр. семиња и ореви, лешници, бадеми и 8 парчиња суво овошје, што се распределуваат во текот на денот.
Се пие два-три литри вода секој ден. Ете тоа е тоа.
Ваквиот режим во просек го спроведувам два пати годишно, по месец-два а пролетва го користев и три месеци и паралелно со вежбање успеав да намалам 8 килограми. Сега се подготвувам пак да го спроведам.
Секако за секој режим треба и ментална подготовка и волја, особено за луѓе гурмани како мене. Но, кога ќе се почне со режимот и кога ќе се стави човек во таков ритам, се оди лесно. Инаку режимов мене ми дава и многу енергија и го подобрува метаболизмот, така што се чувствувам многу убаво.
Заедно со вежбањето што го практикувам веќе 10 месеци, дава многу добри резултати.
Се надевам дека со оваа диета ќе поттикнам некои од Вашите читатели да го применат режимот во секојдневието. Среќно!