Тајните на убавите жени: Жанина Петрова – Грајиќ

Годи, прија убавината и не џабе рекле дека токму таа може да го спаси светот. И јас мислам така, иако искуството ме научи дека убавата надворешност, како отворено препорачано писмо, веднаш совладува.
Но, ако надворешноста е без шарм, без дух, ум и радост, бргу заморува, се обезличува. А што е со оние жени кои со години стануваат понеоддоливи- кога спомнатите карактеристики доминираат а знаењето, поради исполнетост во професијата и љубовта, ги оплеменува со самоувереност и уште нешто посебно. Токму таква е Жанина Петрова- Грајиќ, по професија офталмолог, жена што зрачи спокој, сака и е сакана а ова се нејзините „тајни“.


– Ја ставам генетиката во прв план, сметам дека е најважна – раскажува Жанина. – И брат ми изгледа помлад од годините што ги има. Родителите и покрај нивната возраст изгледаат убаво, без да вложуваат напор за нивниот изглед.
Генерално ја одржувам истата килажа, и тоа без некој напор, и мојот конфекциски број е 38- 40. Само еднаш во животот бев на диета со чорба од зелка и тој подвиг траеше 5 часа, буквално. Сватив дека јас не сум за диети. Кога ќе се опуштам на празници, може да се случи да се поправам 2-3 кг, ама за исто толку време си ја враќам старата килажа. Доволно е да се вратам на вообичаеното темпо на животот. Обожавам слатки и тестенини, но ги одбегнувам. Дома правам колачи со Стевиа, пита со интегрално брашно и практикувам кога готвам тоа да биде со здрави намирници.
Ова е моето мени: за појадок често приготвувам киноа или хељда, некогаш доручкувам зеленчуци со парче интегрален леб и јајце. Алергична сум на лактоза па избегнувам млечни производи. За ручек јадам вообичаено готвена храна, без леб а вечера ми е слична како појадокот, или подготвувам супа од зеленчуци. Многу јадам овошје, сезонава по килограм јагоди или цреши дневно, а често пати цедам сокови од лимон и цитрон, пијам вода од 1-2 литри.
Кога сакам благо, ме спасуваат неколку коцки црно чоколадо, затоа што генерално не се лишувам од ништо што ми се јаде.
Скоро и да не постои нешто што не јадам, освен сармата, што ми остави „траги“ од студенските денови. Јадам месо 3-4 пати во неделата за ручек, барем еднаш неделно риба, зеленчук како морков, краставица, патлиџан и црвени пиперки- јадам често, а киноа и хељда барем 3-4 пати во неделата.
Што се однесува до негата на лицето, ретко одам на козметичар, пред се заради недостиг на време, понекогаш ставам домашни маски. Секогаш го чистам лицето навечер и наутро, ставам редовно серум, дневна и ноќна крема. Обично кремите ги менувам, купувам хидратантни креми, антирид околу очи користам секој ден. Не практикувам филери и ботокс и речиси секогаш легнувам околу 22ч и станувам во 7ч. И уште нешто – последнава година често пати земам Ц витамин, по 2 грама во денот, магнезиум, цинк и селен ми се како додатоци во исхраната.
Немам многу време за вежбање па и кога ќе се запишам во теретана поради честите патувања и обврските, не сум редовна. Затоа секогаш кога можам, одам пешки а кога имам време одам на пливање или до Водно.


Патувам многу често, меѓутоа патувањата ме исцрпуваат. Никогаш не сум била пушач и не пијам алкохол, сметам дека тоа има удел во изгледот на кожата.
Темпераментна сум по природа, секогаш сум во некакви активности и трчаници, а домашните работи, чистењето.., ми помагаат секојдневно да трошам калории.
Со текот на годините учиме разни работи, но за мене е најважно тоа што научив да одбегнувам стресни ситуации и „цицачи“ на енергија, се трудам да се дружам со позитивни луѓе и блиски пријатели. Можеби тоа е мојата најголема тајна.
Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени