Тања Турунџиева : Здрава и забранета храна за трудници

Обично, кога ќе забремени една жена, барем на овие простори, се става на третман како да е болна, со што лично не се согласувам. Да, потребно е посебно внимание, но согласно индивидуалниот случај и здравствените препораки – пред сѐ, трудницата треба да биде здрава, здраво да се храни, да има и физичка активност, ако ѝ дозволува бременоста, и да се радува на секој момент.
Некои жени во бременоста качуваат дури и до 35 килограми, што е апсолутно погрешно. Без разлика на возраста, почетната тежина на трудницата, оптималните килограми што треба да се покачат се од 8 до 12. Токму вишокот килограми прават контраиндикации како гестациски дијабетес, покачен притисок, болки во зглобовите, појавување на отоците и, најстрашно од сѐ, појавата на состојби на преекламисии што можат да бидат фатални и за бебето и за мајката.
Трудницата треба да ги контролира честите испади на глад и опседнатост со одредена храна и да ја отфрли идејата дека треба да јаде за двајца. Мора да има самоконтрола за да го чува и сопствениот организам, а најважно од сѐ, и организмот на бебето.
Кога една жена ќе констатира дека е бремена или, пак, планира бременост, треба да направи подготовка на организмот, да го детоксицира, да го наполни со природни витамини и минерали, да има урамнотежена исхрана на три оброка дневно, а со забременувањето да продолжи да има свој начин и режим на исхрана во којшто ќе го снабдува организмот со сѐ она што му е потребно.


Кои производи се забранети кај трудниците?
За време на бременоста одредени нутритиви, иако се здрави, не треба да се внесуваат. Од овошјето, се забранува внесот на ананас, заради присуството на бромалин, што може да доведе до несакано дејство на спонтан абортус.
Крушата содржи големо количество на фолна киселина, што во првото тримесечје е особено корисна за мајката, но во исто време прави блокада на апсорпцијата на хранливите продукти преку папочната врвца, така што не се препорачува во големи количества.
Бакарот е елемент што не е многу препорачлив кај трудниците, а е обемно застапен во сувата слива, поради што апсолутно не треба да се внесува. Во принцип, сувото овошје воопшто не треба да се внесува заради концентрацијата на шеќери, освен ако има потреба од такво нешто.
Кај зеленчукот нема рестрикција, но секогаш треба да се преферира тоа што е сезонско.
Зачините влијаат многу врз состојбата на бременост и не би требало да се експериментира со нив.
Нането како чај и зачин може да создаде контракции и да придонесе до спонтан абортус.
Потоа, циметот е еден од најагресивните зачини (заедно со биберот), што може да предизвика спонтан абортус и е забранет кај трудниците.
Морските плодови е добро да се избегнуваат поради можноста од труења, а од нив единствен исклучок прави лигната.
Алкохолот е комплетно забранет и кај трудниците и кај доилките, како и кафето и кофеинските пијалаци токму поради кофеинот што го елиминира калциумот од организмот и создава раздразливост кај мајката и бебето, влијае врз квалитетот на сонот кај новороденчето и го намалува квалитетот на млекото кај мајката.
Здравствени препораки
Од огромна важност е да не се форсираат одредени нутритиви, а исхраната да биде разновидна, богата со разновиден зеленчук. Се препорачува и внес на јатки (сирови ореви, бадеми, лешници, семки од сончоглед) што имаат смирувачко дејство, но и големо количество на витамин Е, железо и калциум.
Колку за споредба, во суровиот сусам има многу повеќе калциум отколку во едно парче сирење, што може да создаде и контраиндикации поради казеинот што го содржи.
Потребна е зголемена застапеност на чорбести оброци, како леќа, грашок, грав, боранија, најразлични зеленчукови чорби, печурки, риба, квалитетно и добро проверено месо, потоа амарант и киноа како безглутенски житарки што содржат многу големо количество аминокиселини, на Б витамини и на магнезиум…
Од маслата се препорачуваат сусамовото и лененото масло како извор на есенцијални масни киселини. Треба да се пијат многу течности, што ќе ја спречи и појавата на непосакуваните стрии – повеќето трудници негата ја прават само од надворешната страна и се мачкаат со најразлични кремови против стрии, но главната нега ја правиме одвнатре преку тоа што го внесуваме.
Треба да се следат и уринарните промени, бидејќи трудниците се поподложни на уринарни инфекции, при чијшто третман дозволен е единствено чајот од брусница.
Во последниот квартал од исхраната треба да се исклучат тешките јаглехидрати, што особено во подоцнежните месеци можат да предизвикаат појава на гестациски дијабетес, а да се зголеми внесот на протеини.
Храната треба да биде добро проверена, добро да се прочита нејзиниот состав и да се внимава да не се внесуваат штетните конзерванси, емулгатори, вештачки бои, ароматизери што влијаат врз плодот.

Фото- Pexels

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени