Тања Турунџиева: Што треба да консумира доилката

Откако на свет ќе го донесе бебето, мајката во првата година мора да внимава што ќе внесува, бидејќи преку мајчиното млеко се внесуваат сите корисни елементи за здрав и правилен развој.
Прво и основно за квалитетно млеко е мајката да биде одморена, да не е нервозна, бидејќи преку млекото ја пренесува и нервозата, да прави селекција во исхраната за бебето, да нема проблеми во однос на атопиите, односно алергиски реакции што се јавуваат.
Нормална е појавата на коликите, односно на грчевите кај бебето, затоа што му се разработуваат цревата. Секогаш сум за ексклузивно доење, меѓутоа со адаптирање вкусови во пораната возраст за да може веќе од шестиот месец со вметнувањето на нутритивите бебето да биде подготвено да ја прими храната што ќе му ја даде мајката. Од нутриционистичка гледна точка до деветтиот месец не треба да се заменува оброк – значи мајката треба да му даде овошен или зеленчуков оброк, ама потоа да му даде и да цица.
Не се согласувам со верувањата од типот „пиј боза за да имаш повеќе млеко“ или „јади повеќе леб за поголема лактација“, ниту, пак, да се налева мајката со седум литри течности или да пие млечни производи за да има млеко. Сѐ зависи од големината на млечната жлезда, а потоа клучни се стресот, како и исхраната на доилката.
Што е забрането во исхраната на доилката?
Многу е важно мајката да внесува квалитетни нутритиви, овошјето и зеленчуците се приоритет, меѓутоа со селекција на овошје. Забранети се агрумите кај сите доилки до наполнување на една година кај бебето, сѐ она што се вклучува во категоријата на алергени, како јагодите и кивито.
Во прво време, поради коликите, се исклучуваат одредени нутритиви, особено мешунките, гравот, грашокот, зелената боранија, зелената и кафеавата леќа, токму поради можноста за создавање на грчевите. Се исклучува лиснатиот зелјест зеленчук – зелка, кељ, прокељ, броколи, карфиолот.
Медот се заменува со безглутенска исхрана токму поради алергиските реакции што може да ги јави. Треба да се избегнува белото брашно и лебот поради можноста да создадат атопичарски испади и да се постават ограничувања при внесот на зачините – велат дека лутата пиперка го стимулира млекото и му дава благодат на бебето, но не може секоја доилка да јаде луто.
Ограничување на солта нема толку многу, колку на биберот, мешан зачин, што во себе содржи еден од најагресивните емулгатори мононатриум глутанат, потоа на кари, цимет, оригано итн. Сите тие се рефлектираат врз создавањето грчеви кај бебето. Кога говориме за месото, тоа треба да биде добро проверено, во никој случај да не биде пилешко. Единствено дозволувам дивеч и мисиркино месо и квалитетен бифтек, во никој случај свинско, јагнешко или јарешко месо.
Нутриционистички препораки
Се користат најразлични чаеви за стимулација на лактацијата, што до некаде е издржано, но и природно цедениот сок знае да направи добра лактација. Препорачувам околу 30 минути пред доењето мајката да испие една чаша природно цеден сок од овошје и зеленчук и една чаша вода и по завршувањето на доењето да го стори истото. Тие свежи ензими што ги внесува преку зеленчукот го создаваат млекото преку целулозата и хранливите продукти. Дозволен е коренестиот зеленчук – цвекло, целер, дајкон, бела трупка, морков, како и замените за тешките мешунки – жолтата боранија, што не предизвикува гасови, гравот цацар и грашокот (третиот месец) , портокаловата леќа…
Здрава мајка – здраво бебе
Доилката мора редовно да јаде, да почека за враќањето на првобитните килограми од пред бременоста, да не импровизира и да не ескивира со оброците, па да каснува нешто суво, од нога. Со добра организација, мајката може да најде време да го приготви оброкот, па макар и од претходната вечер – сѐ трае 24 часа.
Ако добро се организира ќе биде и поодморена и ќе може да му се посвети на детето. Доилката по породувањето треба да знае каква е нејзината состојба во однос на диференцијалната крвна слика, липидите, гликемијата, хемоглобинот, хематокритот, електролитите, железото, калциумот, магнезиумот, за да може преку храната да си помогне и себеси и на бебето, да има здраво и хранливо доење. Важно е да се следи инстинктот што самиот доаѓа, да се воспостави организација и непрекината едукација што нема да ја најдете на интернет-форуми или група на „Фејсбук“ – за таа намена постојат стручни лица и стручна литература.

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!