Подгответе се да вкусите природно, наше, автентично, создавано од локалните производители, напоено со многу љубов и посветеност. На 18 јуни, недела, од пладне до вечер, од 12- 20ч, во паркот на Франкофонијата во Скопје, по 3. пат ќе се случува Фестивал на биодиверзитет: Коктел на вкусови.
Настанот е наменет за сите што сакаат да го зачуваат наследството на добра чиста и правична храна, што е и мотото на Слоу фуд. Ќе има околу 40 изложувачи од цела Македонија, од кои 21 од Скопје, а сите тие мајстори на добриот залак и уште подобра капка, преку презентации имаат за цел да ја подигнат јавната свест за значењето на локалниот биодиверзитет на храна.
Фестивал на биодиверзитет се случува по трет пат, што ветува сериозна традиција: овој пазар за храна на локалните производители вклучува и презентации на храна, ракиски, вински и пивски дегустации и секако- убава дружба.
Ќе бидат презентирани сите можни вкусови: гастрономски деликатеси во тегли, пинџур, мармелад, џем, слатко.., се природно, со вкусови што ќе ве вратат во детството, потоа- традиционалните козји, кравји и секакви сирења, сувомеснати производи сушени на дрва.. Ако не сте го запознале вкусот на тартуфите – ова е можност да се вљубите во некој од производите на оваа чудесна печурка, да вкусите органско масло од лешник, природни сокови, масла, домашни ракии, занаетчиски пива, вина од мали семејни винарии… Звучи примамливо, но сите овие производи не се само поезија и пејзаж, туку економија, грижа за почвата, обнова на напуштените земјишта, грижа за планинските и маргиналните области.
Биодиверзитетот е термин кој потсетува колку треба да ги чуваме и негуваме локалните сорти, локалните раси. И како што објасни Карло Петрини, основач на Слоу Фуд, биодиверзитетот поврзан со храната е примарна гаранција за животот, здравјето и безбедноста на нашата храна .
Слоу фуд Македонија во своите редови ги има најдобрите производители на храна, кои ја бранат агендата поврзана со автентичната храна. Освен дегустација на производите кои можат и да се купат, на фестивалот ќе има претставување на крафт пиварии, најдобрите коктел мајстори ќе приговуваат коктели од пијалоци на локалните производители а најмладите ќе имаат катче со работилница од програмата на проектот Училишни градини на Слоу Фуд.
Настанот го организира Слоу Фуд Водно со поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство а целта е да им се помогне на локалните производители кои ја почитуваат животната средина. Не заборавајте- недела, 18 јуни, во паркот на Франкофонијата, од 12 часот имате несекојдневна можност да дознаете какво богатство е биодиверзитетот.
Коментарите се затворени