Вчера Скопје и уште неколку града од Македонија, „сместени“ во Арената Борис Трајковски, (исполнета до последното место), присуствувааа на триумфот на Јелена Розга, далматинска кралица на поп-сцената, харизматична, бескрајно талентирана и мила, пејачка што буквално прави ршум низ сите екс- ју простори.
Во склопот на турнејата „Минут срца твог“, миленичката на сите генерации ги пееше најголемите хитови и балади со кои си ги лепевме срцата: „Опрости мала“, „Опиум“,„Јел због ње“„Бижутерија“, „Окус ментола “, „Нирвана“, „Соло играчица“, „Цунами“…, придружувана од неколку иљадитен хор на преполната сала.
И тоа не е се: вистинскиот куриозитет е што поголемиот дел од публиката беше од помладата генерација, која, верувале или не, ги знаеше песните од А до Ш.
И ова вчера не беше класичен концерт, туку моќен спектакл, скоро секоја песна имаше своја кореографија со танчери, анимации, специјални ефекти, од ласери до пиротехника… Па и покрај царувањето на техниката, концертот беше вистински извор на емоции и љубов. Прекрасните чувства од песните што Розга ги испеа точно и прецизно до најмал акорд, како што е во оригиналот.
Затоа Јелена ќе ја наречам феномен.
И да, благодарение на тој моќен спој заклучувам дека романтиката е повторно во мода, емоцииите се враќаат на голема врата. Прекрасна вечер наречена „Минут срца твог“ сериозно ги смени критериумите за она што значи- добар концерт.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени