На 4 јули, со чашка полна вино, со допадливи ароми и освежителни овошни вкусови, гостите и учесниците на настанот „Летно вино“ го започнаа овогодишното винско лето.
Во прекрасна атмосфера, на терасата на ресторанот Воденица-Мулино, се претставија следните македонски винарници: Стоби, Тиквеш, Бовин, Камник, Лазар, Сопот, Попови, Венец, Сковин, Попов, Пуклавец Македонија и Брзанов. Посетителите исто така имаа можност да ги вкусат и вината на винаријата Звонко Богдан од Србија, словенските вина од Пуклавец, италијанските вина на увозникот Винум-мкд, како и француските вина од шатото Гордон на винаријата Тиквеш. Вината ја следееа и внимателно одбраната храна од спонзорите Тинекс деликатесен и Рудине во соработка со реномираниот ресторан Воденица-Мулино, додека за рехидрирање на посетителите се погрижи Горска со своите производи.
Во склоп на настанот, организаторот Македонската асоцијација на Сомелиери – МАСОМ додели сертификати на 20 кандидати, кои успешно го положија првото ниво од сомелиерските обуки.
„Во светот на вината, нашиот вински регион го препознаваат по црвените вина, но тоа е само една страна од медалот. Повардарието, нашата винска артерија има и друга страна, мирните бели и розе вина, како и пенливите. Се надеваме дека со овој настан успеавме да ја откриеме и втората страна на медалот кој се повеќе почнува да блеска – изјавија од МАСОМ.