Ако ја почитувате поговорката дека „наутро виното е олово, напладне – сребро, а навечер – злато“ еве идеална прилика : „да се позлатите“.
Имено, утре (13 декември) во најопеаниот град во земјата, Битола, од 15 до 22 часот, во холот на Народен театар, ќе се одржи второто издание на „Боемски вински салон“. Виното повторно го има главниот збор – поради заспаните филозофи во нас, поради вистината и- поради животот!
„Салонот има за цел презентација и промоција на производители на вино, кои ќе ни понудат дегустација на вина направени со страст. На овој начин сакаме да ја градиме винската култура во нашиот регион, да едуцираме за значењето на поднебјето, за зачувувањето на локалниот биодиверзитет во лозјата, техниките на производство на вино и зачувувањето на животната средина- велат од „Слоу фуд Битола“.
Сите што минатата година биле присутни на овој вински салон, велат, настанот е како создаден за почетокот на викендот, и не треба да се пропушти.
На „Боемски вински салон“ ќе се претстават преку 20 производители со 80 етикети на вино а организатор на салонот е конвивиумот „Слоу Фуд Битола“, со поддршка на Општина Битола Горска вода и Народен театар Битола.
Повелете боеми, да го славиме животот!
Коментарите се затворени