Во моментов го читам најновиот драмски текст на вонредно талентираниот драмски писател Сашо Димоски „Помеѓу змејот и неговиот гнев“. Една од трите најдобри македонски драми избрани на конкурсот за најдобри нови драми на европско ниво за 2020, во организација на европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“.
Оваа драма, чиј фантастично луциден наслов е инспириран од Шекспировата трагедија за Кралот Лир, е посветено истражување на феноменот и персоналитетот на шутот. Куса историја на смешното како професија. Богато измислена, прецизно и точно конструирана драмска приказна од приказни кои го следат односот помеѓу различни владетели како конкретни историски личности и различни шутови како (псевдо) имагинарни персоналитети. Драма која има жестока корелација со секоја историска епоха, но антиципира и на актуелниот контекст за поимање на феноменот на власта, нејзината употреба и нејзината моќ.
„Луѓето почесто сонуваат да се шутови отколку да се цареви. Шутот е цар без одговорност. Идеална професија.“