Шармантната Јована Мустур Ражнатовиќ, оперската певица и професорка по соло пеење од Црна Гора, учествува на Интернационалната вечер на 28-мото издание на „Охрид фест“. Сидрото е фрлено на сцената на Долни Сарај, каде Јована ќе настапи на 11 септември.
Годинава за првпат сте на „Охрид- фест“, пред нашата публика. Со што ќе се претставите, што очекувате?
– Ќе се претставам со новата композиција „Конте“, спој на два музички жанра- на популарната и на класичната музика. Текстот го напиша Момчило Зековиќ Зеко, музиката е на Славен Кнезовиќ а аранжманот го потпишува Сенад Дрешевиќ.
„Конте“ е љубовна песна што ја испеав на оперски начин а го има призвукот на Медитеранот. Инаку, се радувам што за првпат ќе се претставам на македонската публика, како и на можноста да ме видат гледачите од регионот, што го пратат овој фестивал. Би сакала песната да и се допадне на публиката.
Вие сте оперска пејачка, колку се чести и омилени излети во поп- музиката, тој моќен спој на класиката и на популарната музика?
– Кога на светската музичка сцена ќе ги слушнете уметниците како Андреа Бочели, Андре Рију, Ил Диво .., и колку публиката е воодушевена со тој вид на уметност, тогаш сметам дека треба да е застапена и кај нас.
Фестивалите се одлични за промоција на песна, колку ги практикувате?
– Во 2008 и 2009 година учествував на Сунчане скале, во 2011 бев на фестивалот Марко Поло на Корчула и навистина мислам дека се одлични за промоција на песна.
Направив пауза од 10 години, затоа што се посветив на педагошката работа во Музичкото училиште и на семејството, а сега посакав да и се претставам на публиката со нешто ново.
Зад нас е непријатен период на изолација, што мислите колку музиката беше антидепресив во тие денови? И, во која насока ќе се движи вашата кариера поматаму?
– Навистина беше многу тежок период, и – да, мислам дека токму музиката на многу луѓе им помогна полесно да го поминат периодот, затоа што оплеменува.
Музиката е храна за душа, нитка што ги спојува човечките срца и не прави подобри луѓе. Имам многу идеи и планови, но како што знаете, се е многу неизвесно.
Нека оди се по својот пат, јас се надевам на најдоброто.