Јуре Бркљача (27), млад музичар од Задар -Хрватска, на Интернационалната вечер на „Охрид фест“ со песната „Не постојим кад ниси ту“ на Мирослав Рус ја освои првата награда од публиката. Со „медитеранот во себе“, топлината во гласот и далматинска непосредност ги освои сите, па вети дека ќе доаѓа почесто.
Неговиот музички пат во Хрватска започна на натпреварот „Тhe voice“ во 2015 година, и за само неколку години целиот талент и дарба испливаа на површина. Еве со какви импресии Јуре се врати во својата татковина.
По поминати 1000 километри, што прво направи кога пристигна дома?
-Патував со феноменална екипа од Словенија, што за прв пат ја запознав, а се дружевме како да се знаеме со години. Тоа беа новинарот Вања Вардјан и дел од групата „Рандеву“, Миро Чекелиш и Божидар Волфанд. Од Охрид тргнавме за Загреб, со неколку паузи, па и „гурманска“ во Скопје, каде ручавме, пристигнавме во понеделник, околу 4 часот наутро. Првин легнав да се наспијам. Потоа, веднаш се фатив за гитарата а потоа почнав со тренинг.
Пред заминување ја посетија старата чаршија во Скопје, каде ручаа
И, кои се впечатоците неколку дена по победата на „Охрид-фест“, раскажи се: како беше на фестивалот, колку те изненади наградата, ја почувствува ли енергијата на исчекување на „она нешто“?
-Голема чест ми е победата на „Охрид фест“ а најдраго ми е што публиката го препознаа медитеранот во песната. Се изненадив како луѓето ме прифатија „од прва“. Целта ми беше да дојдам во Македонија, да се претставам и да ја запознам вашата земја, не размислував за никаков пласман. Особено што едни од моите најголеми музички идоли ми се Тоше Проески и Влатко Стефановски, така што честа да победам во земјата од каде што се тие, е уште поголема.
Првпат во Македонија и ете, се случи убава работа, награда и можноста да ни доаѓаш почесто. Што ти се допадна кај нас – Охрид, луѓе, храна?
-Македонија и Охрид за првпат. Најмногу од се ми се допаднаа луѓето кои имаат голема љубезност кон гостите. Охрид е прекрасен, го има „она нешто“. Сите денови пред фестивалот се дружевме во локалот Харбор и свиревме клавир. Запознав добри луѓе и пријатели на кои ќе им се јавам секогаш кога ќе дојдам во Охрид.
А што се однесува до храната, многу е добра и морам да признам дека веќе ми недостасува.
Твојот пат во музиката почна со натпреварот во Тhe voice а останатото- е историја, го следеше патот на срцето. Емоција и глас, тоа е природна дарба и твојата мисија во животот. Што ти донесе музиката, колку ти се смени животот, сега откако си препознатлив. Со оглед на тоа што и самиот пишуваш песни, како создаваш и откаде „изникна“ она мало гитарче што го носиш секаде со себе?
-Моето мото отсекогаш било- ја следам својата ѕвезда и веќе во моментот кога завршив средно училиште, моите врсници запишуваа факултети а јас отидов во музички води и ја имав таа среќа да ме препознае Тони Цетински, кој ми ја отвори вратата, со него го имам дуетот „Ово је истина“.
Мојата потреба и мојот сон отсекогаш биле да пишувам и снимам свои песни. Животот ми се смени буквално во една ноќ, после првиот јавен настап во Тhe voice и одтогаш луѓето ме поздравуваат, ја пратат мојата музика и ми даваат голема подршка и мотивација да работам и понатаму. И секако, да напредувам.
Еден од идолите исто така ми е и Ed Sheeran, одтаму и мало гитарче што го има и тој. Многу патувам и не се делам од неа бидејќи е мала и практична.
Што се однесува до создавањето, секој ден правам песни и нема правило на кој начин создавам, мојата младост ми е најголема инспирација, го живеам животот со полни дробови и се што доживувам во него, го ставам во песните.
Соработуваш со Мирослав Рус и тоа е голема радост за двајцата. Како започна тој музички пат, како работите? Има нешто посебно, поинакво во уметноста, творењето на Рус: што учиш од него?
-Рус е мојот пријател пред се. Во една прилика ги слушаше моите песни во студио и едноставно се случи „кликнување“, имаме многу сличен поглед на музиката. Мене ме импресионираа неговите песни и текстови.. Сметам дека Рус е еден од најдобрите автори на сите времиња на овие простори. Има безвременски песни.
Од него најмногу научив за музиката и за работата. Го снимивме заедно мојот прв албум „Остани тајна живота мог“ и подготвуваме уште песни кои едвај чекаме да ги слушнете. Рус е посебна личност, добар пријател и човек.
Балади се твојот знак на препознавање, твојот орден, и мислам дека цел живот треба да бидеш во таа сентиш тема. Всушност, ти целиот си балада.
-Баш така. Некако ми е природно да пеам балади, тоа најмногу го чувствувам, доаѓам од Задар, и постои еден сегмент на море во мене што го носам созревајќи и растејќи во тој град, што се чувствува во моите песни.
Задар и море се голема привилегија во животот. Што правиш во зима, кога се ќе се смири? Дали подобро комуницираш со својата фантазија или со надворешниот свет?
– Во зима сум во Загреб, тука секојдневно го минувам времето работејќи во студио. Кога се ќе се смири, се затвараме во студио и создаваме.
Мислам дека поддеднакво добро комуницирам и со фантазија и со надворешен свет. Треба да се одржи баланс, што не е лесно. Работам она што го сакам и тоа е голема привилегија.
Кои ти се ангажманите во следниот период?
-Работиме на новиот албум и на тоа сум најмногу фокусиран. Се радувам на новите песни и средби со публиката. Свирењето во живо ми ги полни батериите и ми дава голем предизвик. Имам многу енергија и младост, сакам да ја искористам таа прилика и да оставам трага зад себе.
Вања Тодоровска
Фото: Марино Бркљача