После пет години активна работа, Александар Ристовски ја сними својата прва авторска песна која што го носи името „Животот е како игра“. Станува збор за негово авторско дело, додека, пак, мастерот го потпишува Дејан Момировски.
Кадрите за видеото се снимени во „Вила Марија“ во Демир Капија, во спотот, покрај Александар се појавуваат и убавите Марија Раичка и Нена Ватманиду, како и машкиот дел од екипата – Боби и Давор. На виолина свири Ане Миров.
„Ова е мое деби, долго време работев на него и искрено се надевам дека публиката ќе ја прифати песната и ќе им се допадне. Рефренот е направен со многу љубов, работа и посветеност, а освен што учествував во целосната изработка на композицијата, исто така сам го осмислив и сценариото за спотот и приказната која што ги отсликува самите стихови, како и пораката која што ја носи „Животот е игра““, рече Александар кој што во последните неколку години живее и работи во Швајцарија.
Инаку Ристовски е клавијатурист , има свој бенд „Стринг арт“ и заедно со него често настапува.
„Музиката е моја голема љубов, во Швајцарија имам свое студио, бенд со кој што работам. Во моментов поради пандемијата со коронавирус настапите стагнираат, па затоа решив да одам чекор понапред и да снимам нешто авторско. Не планирам тука да застанам, наскоро следуваат уште многу новитети од мене“, порача Александар.