А сега нешто интересно: Се од аспарагус
Како се приготвува аспарагус
– може да се јаде суров, барен, потпржен или измешан со друг зеленчук, грав, живина или морска храна
– барениот аспарагус се сервира со сок од лимон, растопен путер, пармезан или пекорино кашкавал
– печениот млад кромид и парчињата аспарагус, намачкани со масло од индиски оревчиња е вкусно предјадење
– на потпржен аспарагус се додава сусам, лук, ѓумбир или бибер
РЕЦЕПТИ
Похуван аспарагус
Потребно е: 1 врзопче аспарагус, 100 г брашно, 1 жолчка, 2 белки, 2 дл слатка павлака, масло за пржење, 1 лажичка шеќер, магдонос, сол.
Подгответе ја мешавината за похување: во брашното постепено додадете павлака, жолчка, сол, со постојано мешање. Од белките изматете цврст снег, малку посолете и додавајте во брашното, мешајќи постојано. Сварениот и изладен аспарагус исечете го по должина, избоцкајте го со вилушка, и извалкајте го во смесата за похување, па ставете на загреано масло да се пржи се` додека не порумени од сите страни.
Оставете да се исцедат на хартија. Ставете ги во топла чинија, малку посолете и посипете со исечкан магдонос. Идеални се како прилог за пилешки стек или месо.
Ролат со аспарагус
Потребно е: 15 парчиња аспарагус, 8 тенки парчиња чадена сланина, 50 г путер, сол.
Во секое парче сланина завиткајте по три парчиња аспарагус, наредете ги во поголем сад за печење и прелијте со топол путер. Се пече во загреана рерна околу 15 минути на 180 степени се` додека сланината не потемни. Извадете ги печените ролнички, наредете ги на чинија и послужете веднаш, додека е топло.
Крем-супа од аспарагус
Потребно е: 2 врзопчиња свеж аспарагус, 1 кромид, 1 литар домашна супа од кокошка, 2 лажици путер, 2 лажици брашно, 1 дл павлака, 1 лажичка кафеав шеќер, 1 китка магдонос, сол, црн пипер.
На загреан путер пропржете го ситно исечканиот кромид, додадете брашно, пржете кратко и полијте со супа. Исечкајте го сварениот и оладен аспарагус и додадете го во супата, засладете и наросете црн пипер. Кога ќе зоврие, намалете ја температурата и гответе уште 5 минути. Процедете ја готовата супа, остатоците од зеленчукот изблендирајте ги и вратете ги назад во супата, додадете ја павлаката и посолете. Проварете кратко. Пред сервирање, посипете ја супата со ситно исечкан лист магдонос и послужете ја топла.
Запечен аспарагус
Потребно е: варен аспарагус, 1 кромид, 2 дл млеко, 150 г полумасно младо сирење, 1 лажица ситно сечкан магдонос, 1 домат, морско оревче, сол, масло.
Ситно исечкајте го кромидот и пропржете на масло. Во топло млеко изматете го младото сирење и со тоа прелијте го пропржениот кромид, посипете со свежо рендано морско оревче и кратко проварете со континуирано мешање. Аспарагусот наредете го на подмачкано плехче и полијте со сосот од сирење. Запечете го во претходно загреана рерна се` додека не добие светлокафена боја. Се служи гарниран со исечен домат посипан со магдонос.
Рижото со аспарагус
Потребно е: маслиново масло, младо кромитче, 1 врзопче аспарагус, 250 г ориз за рижото, 2 дл бело вино, сечкан магдонос, шафран, 1 дл
слатка павлака, 40 г пармезан сирење.
Исчистете го аспарагусот, а кромидот исечкајте го. Во длабока тава во загреано маслиново масло пропржете го сечканиот кромид и аспарагусот. Додадете го оризот, мешајќи со дрвена лажица и полека сипете го белото вино. Посолете, ставете црн пипер и сечкан магдонос. Пред крајот додадете шафран, слатката павлака и рендано сирење.
Коментарите се затворени