Благоја Грујовски, учесник на „Охрид-фест“:„Кому да запеам“ го издржа тестот на времето
Претпоставувам дека за тебе „Охрид- фест“ значи полни багажи со песни и спомени, плус- те паметиме и како водител на фестивалот. На што најрадо се сеќаваш?
– „Охрид фест“ е за мене полн со спомени. Убав амбиент во целина, особено сцената „Долни Сарај“, убави дружења со колегите и се разбира она за што сме таму- песните. Ако треба да издвојам некоја, нека биде „Кому да запеам“ од Григор Копров, која го издржа тестот на времето, денес ја изведувам редовно и ми е една од омилените.
Се радуваме на твојот настап годинава. По неколкумесечната изолација, најпосле песна, сцена, фестивал… Како се чувствуваш, кажи ни нешто за новата песна што ќе ја пееш на „Охрид-фест“?
– Моите фестивалски настапи во последните неколку години се во тандем со легендарниот Копров со кого имаме многу убава и успешна соработка. Така е и овој пат. Ќе настапам со една љубовна серенада, полна со емоции.
Пандемијата остава траги и последици во сите професии, но кај вас музичарите состојбата е навистина деликатна.
– Јасно е дека музичката дејност е меѓу најпогодените во оваа неволја што го снајде светот. Факт е дека огромен број професионални изведувачи се оштетени, некои дури егзистенцијално загрозени поради неможноста да работат. И понатаму се случуваат апсурдни ситуации, животот се одвива нормално за сите, има масовни собири и забави низ цела земја, дури и гостувања на странски изведувачи, а се забранети семејните прослави од кои егзистира огромна армија луѓе во земјава (не само музичари).
Сметам дека тоа е некоректно и неодговорно.
Важиш за омилен лик меѓу луѓето, голем оптимист и позитивец. Што мислиш, колку твојот став кон животот не ти дава да старееш?
– Точна проценка, ставот спрема животот. Голема толеранција и разбирање, почит, љубов и емпатија кон луѓето, тоа е најдобриот пат до убав живот.
Така се градат и одржуваат пријателствата.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени