Познатиот уметник, автор, изведувач и инструменталист, Благој Маротов, чиј спонтан и ненаметлив, но крајно професионален стил на работа е одамна препознаен и високо вреднуван кај публиката, деновиве изработи нова верзија на неговата слушана композиција „Не е љубов тоа“.
Песната е во негово музичко и аранжманско обликување и продукција, а текст е на Георги Барбаровски.
Нешто пред тоа, Маротов почна да снима еден интересен циклус на обработки на македонски изворни песни, под наслов „Класика М“ , а новонастанатата ситуација ја искористи креативно, да го доосмисли и почне да го реализира, во своето студио.
– „Класика-М“ е моето „музичко милениче“, работено со најголемо внимание и посветеност во секој тон, и стих, а станува збор за познати песни. Овој пат тие се во поинаква аранжманска изведба, помодерен стил, со понагласен звук и како поприсутен мотив преку бас гитара, фретлес (за музички упатените, тоа е бас гитара без прагови,што ги разделува полиња), кој, како инструмент бара поголемо внимание и познавање при изведбата. Секако, посебно внимавав во поставување на привлечен изведувачки манир, вокалната интерпретација, одредувајќи го стилот на обработката на истата, ни открива Маротов.
Првата обработка што ја направи е на „Садила Јана“, стара македонска песна, испеана од Никола Бадев, која ја сними карантински, со едно скромно домашно видео.
Втората обработка е на „Давај ме мила мамо“, текстот со мала измена од оригиналот, адаптиран во машка верзија, за која што истотака сними и видео запис, во рамките на она што го дозволуваа приликите.
И, секако споменатата „Не е љубов“.
Би сакале да ви ја откриеме и ексклузивно дека Благој Маротов студиозно се подготвуваше за настап на реномираниот „Сплитски фестивал“ , сега идејата останува за некои подобри времиња. Сепак, нашиот познат музичар наскоро планира и едно мошне пријатно изненадување на хрватската публика, во знак на благодарност за прекрасната прифатеност изминативе години, каде со неговата музичко-брачна другарка Јуле, одржуваа турнеи и имаа средби и заеднички музички моменти и настапи со најпознатите хрватски пејачи, од редот на легендата Оливер Драгојевик, Петар Грашо и други .
Коментарите се затворени