Сузана Манчиќ: Смеењето е природен катализатор што јас го поседувам
Сузана Манчиќ, жена за сите времиња, несоница на многу мажи, лик што се памети по убавината и по енергијата…Што уште да се каже за неа? Засекогаш ќе и остана прекарот „лото- девојка“, нејзиниот омилен професионален багаж со кој во осумдесеттите години од минатиот век се вдоми во нашите куќи. За Манчиќ (1956), освен насмевката, се врзуваат уште неколку професии – водителството, актерството и глумата (последен ангажман и беше во ТВ-серијалот „Село гори а баба се чешла“). И денеска изгледа негувано, како што вели – „сочувано“ и точно може да се насети дека отсекогаш знаела да владее со сцената. Таа е мајка на две возрасни ќерки, ама и потписник на две книги, кои експресно станаа бестселери.
Сузана во својот живот сакаше многу, и двапати стапна на лудиот камен, со Небојша Куниќ од групата „Седморица млади“ и со бизнисменот од Грција, Симеон Окомокос.
Се` во животот Манчиќ научила сама, а најважен совет што често им го кажува на жените, бидејќи секогаш е на наша страна, е да не заборават на себеси, да се сакаат и таа лекција треба да се научи што поскоро.
Поседувате харизма – во вистинската смисла на зборот: привлечен изглед, убава топла енергија и ниту „а“ од ароганција толку типична за јавните професии…
– Веројатно надворешноста е одраз на она што го имаме во себе, на енергијата, духот. Многу сакам да се смеам, понекогаш и на животот знам добро да му се искикотам… Се` уште ми е во глава советот што го прочитав од еден руски научник – човекот велеше: учете да се смеете, вежбајте во огледало, па и ако не сте расположени – ќе станете, насмевката дејствува како магнет. Најчесто сум добро расположена, а тоа, знам, е секогаш привлечно. Смеењето е природен катализатор што го имам во себе, што и да се случи, јас со насмевката, шегата на своја сметка, веднаш подобро се чувствувам. И покрај гените, доброто наследство што го имам од родителите, тука е и грижата, негувањето, цел живот се грижам за себеси, не е тоа само еден ден или година. И ќе речам, да можев помалку да јадам, да не бев таков гурман, се` ќе беше совршено…
Не може да се насети дека сте на „ти“ со гурманлакот…
– Е така е. Еден период поприлично се занесов во јадењата, гурманката што ја чував во себе одеднаш стана доминантна и работите зедоа замав. Се` сакам да јадам – и солено, и благо, и пинџури, и тавче-гравче, и прасечко, и салати, пити. И тоа не е се` – сакам да се напијам и добро вино, а вие во Македонија предничите со овој божји пијалак.
Инаку, се здебелив по втората операција на колкот, повеќе одморав, се разгалував… Па и самата не можам да верувам дека ослабев 12 килограми, а бев строга кон себе си, кај мене не пали ни шарм, ни ништо друго.
Какви се вашите искуства со пишувањето, уживавте ли во тој процес?
– Јас нештата ги кажувам на мој начин, што и да се раскаже на сто начина, јас наоѓам сто и прв, а тоа на луѓето им е интересно, го прераскажуваат. Инаку, паузирав еден период, се уморив од народната музика, естрада, новите пејачи, неколку години ме немаше на екраните и тоа беше период кога размислував за својот живот и така напишав две книги „Нескротливо срце“ и „Како да сонував“, а со нив ги испитував другите аспекти на мојот живот. Книгите се момент на осаменост, ги пишував во Грција и точно се гледа моето растење во таа смисла. Втората е подобра од првата, а третата, која е пред крај, е нешто сосема друго и верувам дека ќе биде најдобра.
Вашите професии (и пеење и актерството) Ви донесоа препознатливост, патувања, средби со интересни луѓе, навистина многу предизвици. Како не се загубивте попатно, како останавте ведра, цврста, своја?
-Не дека не паѓав, не дека стоев секогаш исправено. Ама брзо станував, затворав страници, не бев патетична, не се самосожалував и еве сум. Знаете како велат – она што нема да те убие, ќе те зајакне.
Патувањата се сигурна и убава база за да си ги освежиме душата и мислите, а Вие тоа најдобро го знаете.
– Убави се патувањата и благодарение на нив, односно на песната го видов целиот свет, што е фантастично искуство. Кога себеси ќе се ослободиш материјално, се чувствуваш слободно. Живеев по свое, не обрнував внимание на малограѓанскиот живот.
Какви мисли, таков живот. Колку ја почитувате онаа изрека на Вајлд – добро е додека те озборуваат… и колку тоа што за Вас нема забранети теми и табу-прашања создава слика во јавноста дека не сте ранливи, дека не Ви треба никој?
– Реално гледано, во мене се скриени неколку жени и нивните улоги се менуваат постојано – едната е нежна, другата романтична, третата е девојче, четвртата „Јованка Орлеанка“… Се` зависи кој што ќе разбуди. Имав една љубов, многу интересен човек, кој, за жал, во мене ги будеше само непријатните работи. Не можев да се препознам со него, не бев јас – јас. И така решив да го оставам. И да се посветам на луѓето и работите што ќе ми измамуваат насмевка…
Валентина Вања Тодоровска
Фото: ФБ
Коментарите се затворени