Додека траеше карантинот Сузана Спасовска и се препушти на природата и уживаше во песната на славејчињата. Ама бидејќи и самата е славеј, се случи и песна, која ја потпишува Слаѓан Станишковски, а текстот за „Девере, девере“ е на Сузе.
– Авторот на песната е Слаѓан, млад инвентивен музичар, и е почеток на заедничката соработката. „Девере, девере“ е правена за моето ново це-де, кое требаше да излезе токму во овој период. Ама целата ситуација со Ковид 19 ги стопира нештата- раскажува Сузе. „Мојата нова песна за момент ќе ве оттргне од реалноста и ќе ви ја ублажи тежината во душата. Тоа влева надеж за подобро утре и за живот со музика и со македонската песна, како што беше порано.“
Инаку, албумот на Спасовска ќе биде двоен- едното це -де е со свадбарска тематика а другото ќе е со забавен призвук. Вистинска посластица!
– Сето тоа ќе го докомплетира изданието од 6. це-деа , пишаната и дигиталната музичка монографија, а ќе има и двд издание од јубилејниот концерт во 2016 година, кога ги одбележав 30 години во музиката- не информираше Сузана Спасовска.
Коментарите се затворени