Global Culture Initiative денес ја објави листата со победници на фестивалот „World Folk Vision 2020“. Во категоријата за најдобра песна, победник е нашиот овогодишен преставник на Евровизија – Васил Гарванлиев и песната „Ѓердан“.
На овој глобален фестивал учествуваа над 4000 реномирани уметници од пет континенти, а гласањето траеше еден месец и воедно беа вклучени 44 члена на професионалното жири од повеќе земји од светот.
Организаторите известија дека над 26 милиони гласачи од 150 земји одлучиле за победниците во три категории: инструменти, глас и танц, кои оваа година поради новонастанатата ситуација со Ковид19 се одвиваше на нивната онлајн платформа.
-Сеуште не ми се верува- вели Васил споделувајќи ги првите впечатоци со нас. „Чест ми е што ја претставував Македонија на ваков светски реномиран фестивал, а особено сум среќен што одлучивме да учествувам токму со „Ѓердан“ – песната која ја посветив на нашата тактовина и која ме врати назад во моето родно место. Наградата ја посветувам на сите што веруваа во мене, на мојата земја и на сите уметници кои творат и не се откажуваат од својот сон дури и во вакво време.“
Песната „Ѓердан“ беше објавена во септември 2018, музиката е на Саша Драгиќ, текстот е на Весна Малинова а аранжманот го потпишува Диран Тавитијан.
Ова е историски момент за македонската музичка сцена и прва голема победа на Васил на интернационално ниво. Васил ќе настапи на Гранд- финалето, кое ќе се одржи од 1-7 ноември годинава во Катар
Коментарите се затворени